Луѓе без срам

1,492

Кога на невоспитаноста, дрскоста и безобразлукот во политиката и јавниот дискурс навреме не им се застане на пат тоа прераснува во вербално силеџиство, кога алчноста поприма неконтролирани димензии таа води во корупција, а кога партократијата надвладува над демократијата тогаш политичката мафија добива своја држава. Сето тоа, и многу друго, го обликуваат политичкиот неморал поставен на македонскиот „цивилизациски“ пиедестал како единствена „вредност“, којшто потоа изнедрува ваква Македонија и вакви македонски политиканти од форматот на оној двоец Османи-Таравари, па Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Грковска, Филипче, Шеќеринска… и сите останати кои денес ја доведоа државата во ваква бездна во којашто царува криминалот, лагата, дволичноста, опортунизмот, манипулацијата…

Зашто, инаку, зарем некој во сериозна демократија би го помислил не па изрекол она што Османи, онака безобразно јавно го изјавува кого ќе кани на некаква вечера? И зарем некој друг освен Таравари онака шарлатански би манипулирал со Уставот и процентите на етничките заедници, а згора промовирајќи го својот моноетнички „кабинет“? И зарем некој друг освен оној Пендаровски, во неговиот познат подлизурковски стил (сега во трката по албански гласови), после цели пет години би се сетил дека на Македонија ѝ треба нов Устав бидејќи овој не бил како што треба затоа што во 1991 година Албанците не учествувале во неговото изготвување?






И зарем оној Ковачевски, наместо во рани зори да троши енергија по теретани не треба да помисли дека онаква политичка хајка околу неговиот поранешен сопартиец Димитриевски, особено со набрзина склепаното „судење“ пред претседателските избори, е уште една негова/нивна проѕирна манипулација со судството, со луѓето, со правдата… со демократијата? Ако овој човек воопшто и разбира што е тоа?

И уште колку вакви примери можат да се наведат денес, цели осум години по зракот надеж што требаше да донесе нов ден во македонската современа историја? Осум години потрошени залудно, во криминал, корупција, бесрамни лаги, политички неморал и лично богатење? Оваа генерација политиканти ја уназади не само државата и демократските процеси во неа туку и столбовите на секоја цивилизирана држава – образованието, културата, науката – и вредностите што произлегуваат од нив.

И тој факт останува неспорен односно цврсто вкопан во македонската реалност: политичките (односно политикантските, како сакате) елити, особено во последниве дваесетина година, зад себе оставаат пустош во сите сегменти на државата и општественото живеење. Нивниот внатрепартиски канибализам, оној што упорно ни подметнува приглупи и неспособни криминално-коруптивни гарнитури, никогаш не се задржува само во врвовите на власта. Напротив, тој континуирано се прелева во сите пори на општеството и, особено, во државните институции. За жал, тоа дефектно политикантство на негативна селекција го зафати и не така многубројниот интелектуален корпус во земјава, се инфилтрираше (и) во него и го стави под своја команда, сѐ со цел да го заокружи киднапирањето на државата.

И ништо од тоа, се разбира, не беше/не е случајно туку е правено според некои прирачници – и од источна и од западна провениенција! – за комплетно завладување со системот, ионака лабилен односно (дали намерно?) недоизграден и оставен со страотни „дупки“ во Уставот и законите, подложни на секакви „интерпретации“ и „реинтерпретации“, дури и од ликови како оној „ала Гошњак“!

Следствено, никакви црни листи на САД, особено не вакви „филтрирани“ низ американската (по правило) „чудна“ диоптрија, не можат да ја сменат бесрамнава и безнадежнава состојба во земјава. Зашто, кај нас не се голем проблем оние кои се на црната листа туку тие кои – не се! А ги има многу и повеќето се нивни пулени (да не речам инсталации!) односно драги „пријатели“ на „стратешкиот“ партнер. А впрочем, кој ни ја „смести“ онаа Јанева? Па и другите? Оттука, не можете на некаква црна листа да ставите стотици луѓе, нели? Особено ако се од самите врвови на власта, аминувани од „стратешките“ партнери! Па, меѓу останатото, читате дека и онаа карикатура од политичар кој сега сака да се претставува како „средно богат бизнисмен“ работел нешто за УСАИД, во Белград! И после сѐ, таквите не се на „црна листа“?

И сето тоа се прави без елементарно чувство на срам, без минимално почитување на демократските и човечките вредности. И дали токму (и) во тој збор – срам – меѓу другите, се крие еден од клучевите на оваа голгота на македонската држава: луѓе без срам ја „водат“ оваа земја во пропаст повеќе од две децении! И го сметаат тоа за нормално бидејќи „концептот“ на срам не им бил објаснет/всаден онаму каде што тоа вообичаено треба да се случи – во семејството и низ образовниот процес. Следствено, отсуството на таквата базична емоција силно влијае врз нивното однесување и (особено) процесот на одлучување. Луѓето без срам се во самиот старт морално поразени но, за жал, не се ни свесни за тоа. Нивната бесрамност паѓа врз нас, ние сме тие кои ги сносиме последиците!

Токму затоа оваа бесрамна „политичка борба“ кај нас поприма димензии на типична мафијашка битка не само за власт туку и за превласт врз територии, за привилигии со безказнивост, за богатства без труд и знаење. Затоа впрочем и странците, кога ќе им кажете од каде сте, ве гледаат со измешани чувства на жал и страв бидејќи не знаат на која категорија припаѓате – на мафијата или на безгласното граѓанство.

Овие и вакви бесрамници ја оставија земјата во тешки и закоравени црнила, вон сите цивилизациски процеси и просветителски развојни текови. Не само што ја манипулираат сегашноста туку ги крадат и минатото и иднината формулирајќи некаква нова квази-историја корисна само за нивната иднина. Ќе почнат да ги крадат и митовите и легендите, преданијата и толкувањата, само за да си удоволат на провинциските апетити. Ќе продадат и историја, и култура и уметност – сегашна и мината, ќе распродадат сѐ што ќе им дојде под рака!

Впрочем, овие луѓе без срам не разбираат ништо од тоа. Не разбираат дека ги разнебитуваат самите темели на државата, дека овде веќе не станува збор за задржување на некакви културни вредности туку за зачувување на просветителските и хуманистичките текови на еден нормален раст и развој. Или, ако сакате: што значеше онаа папагалштина на еден „професор“ за руски шпиони меѓу македонското свештенство? И зошто требаше уште една шушимига да ги преповтори глупостите на оној од Водно кој глуми претседател на државава, озборувајќи за „нешто“ и „некои“ цели пет години? Затоа што веќе познатата глупост на тој Пинокио не фати место во јавноста па требаше некој да ја – дуплира? И за тоа се најде токму еден „професор“, „случајно“ претседател на Комисијата за одликувања на претседателот на државата? Колкав степен на бламажа е тоа, каков срам е тоа не само за него туку и за „претседателот“ и актуелната власт која молчи на ваквите обвинувања?

И зарем не гледаат дека веќе народот се срами од нив!?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини