Луѓе без сенки
Кога во сектата би имало луѓе кои навистина знаат што е тоа јавен интерес, прво што би направиле би било да ја побараат онаа метла што нивниот екс-премиер ја има некаде зафрлено и да зачистат „по дома“!
Пајтонот на македонската демагошка „интелигенција“ налудничаво јури низ ова парче земја, се чини неуништив во своите празноглави извртени тези секојдневно поттурани во еднакво шупливите медиуми коишто упорно ги протежираат, па заедно неуморно конструираат некакви свои „вистини“, разбирливи само за оној грст квазилиберално братство од коешто и сенките одамна засрамени избегале. Зашто сенката е дел од Човекот, а кога тој престанува да биде тоа, сенката – го напушта. И таа се срами од него, се прикрива во најдлабоките темници, чека суштеството да го снема.
Зад нив, наместо нивните сенки, се влечат нивната глупост, нивните малверзации и махинации, нивните недела, па и злодела!
Не само деновиве туку цели три децении – но особено деновиве – се изнаслушавме и изначитавме сè и сешто и повторно стасавме – никаде. Со сите сили луѓево без сенки се обидуваат да ги амнестираат своите газди, дојдоа дури и до прашањето дали кај нас воопшто постојат институции, па ние да имаме доверба во нив, небаре институциите функционираат сами и независно од нас, како тие, а не луѓето во нив да се механизмот на системот што го немаме. Се разбира, и тоа е само уште едно подметнување, уште една релативизација на нештата којашто треба да ја „ишка“ одговорноста на онаа нивна другарска булумента што дивееше токму низ тие институции и тој систем, којашто од државата направи кадровски бувљак и институционален кванташки пазар.
Ама тие, подметнува тезата, не биле виновни, туку не ни чинат институциите, велат луѓево без сенка и затоа јавноста нема доверба во нив! А како и би имала кога истито квазилиберално братство коешто сега плаче и ги куди институциите во нив инсталираше амнестиран праматар, кој требаше истите да ги координира и да го реформира системот? Или оној кој го октроираа на чело на највисоката законодавна институција и кој во неа се однесуваше токму како на бит-пазарска тезга? А за претседател на државата промовираа шушумига која го нарекуваше народот стока и во денот пласираше барем по две-три радикално спротивни мислења, да не речам лаги? За какви тогаш институции пелтечат овие луѓе без ум и без сенка кога на нивно чело ставаа таков „кадар“? И му ракоплескаа!?
И како можеа тие кадровски урнисани институции да се преродат за само девет месеци и да превземат одговорност за сè што наследиле во еден распаднат корумпирано-криминален систем? И морам да се повторам: не може во една држава да има каква и да е култура кога „системот“ инсталира онакви „министри“ за култура како Адеми и Исмаили, Стефоска и Бисера… (па и оние две „госпоѓи“ пред нив „упатени“ во културата колку и во нано технологијата!), а најмалку може да има политичка култура со премиери како Заев и Ковачевски, со претседател на Собранието како Џафери или „татко“ на нацијата како оној шарлатан?
Што не е воопшто многу поразлично од подалечното минато, со некадарни самобендисани сенки од луѓе како оној Петковски, кој дури се дрзнува денес да држи лекции како требало да работи Собранието. И да бил тој денес таму веднаш ќе свикал две-три комисии! Машала, а зошто не – пет, на пример? Зарем пет комисии немаше да завршат поголема работа од две-три?
И тоа е тој тип на политикантски полуписмен реалсоцијалистички свет научен нештата да ги „решава“ низ комисии, а не низ работа, „непријатно“ да се исчудува, па дури и „изненадува“ што денес се случува во тој законодавен дом, во којшто, нели, „се одвиваат сите политички битки, се нудат програми, проекти и различни мислења за дадена ситуација“… Па, по ѓаволите, што мислат овие сенки, дека ние заборавивме како изгледаа тие „институции“ и „политички битки, програми, проекти“ во нивно време, и што нудеа и како „работеа“? И какви сè празноглави шушумиги сместуваа токму во тоа Собрание? Па затоа и сенките бегаа(т) од нив срамејќи се!
Затоа впрочем и институциите ни станаа сенки на она што требаа да бидат во нормално современо демократско општество. А кога институциите, односно раководните луѓе во нив не се одзиваат на повикот за нормално, современо и демократско раководење, како општеството, односно системот ќе биде тоа? Или они имаа магична формула? Која, дуи (малите букви се…)? Па токму тие, со нивна помош, го разнебитија системот, но и општеството. И тие, според научениот македонски рецепт помножен со пет, направија `ршум во институциите и во целата држава, претворајќи ја во игралиште за етнонатпревар на мали голчиња!
Истото се обидуваат да го прават и сега сугерирајќи ни дека сме идиоти кои ништо не разбираат.
А ние, како последни кретени, молчиме и тоа го викаме – мултикултурно општество! А во кое тоа културно, па нека е и „мултикултурно“ општество едикоиси маргинални ликови ќе беа директори на национални институции – дури и во културата! – и ќе се шеткаа низ Европа претставувајќи нè како последниот остров на соцреализмот во светот. Па тоа го нема ни во Русија, ако баш сакате. Или, каде една страотно лоша „сликарка“ ќе беше цели осум години директорка на Националната галерија (а сега, некои се обидува да се промовира и во стручњак за фотографија!), или такви и слични персони ќе беа директори на Националната библиотека, на Националната опера и балет, на клучните национални културни институции кои треба да ја претставуваат државата во земјата и вон неа? Само заради тоа што по професија се етничко малцинство или партиски „деца“ кои гордо ќе го веат етничкиот барјак?
Ако до вчера институциите биле засолниште за згрижување некадарни партиски и етнички фаворити, дечиња со „познати“ презимиња, анонимуси во своите професии, но големи во амбициите диктирани од партиите…, какви може да ни бидат институциите денес? И кому воопшто му служат патетичните повици за немањето доверба во тие институции, освен за перење на совеста на братството и нивните кадровски „политики“?
Од друга страна, што пак може да се очекува од „институции“ коишто во текот на овие седум-осум години – но и претходно, секако, меѓутоа особено во спомнатиот период! – беа тотално партизирани од страна на тогашната власт? Македонија нема ниту една, ама баш ниту една, од највисоките до „најневажните“ државни институции што можат да се пофалат со професионална администрација. Такво нешто кај нас – нема. Оттука, како воопшто можат нормално да функционираат? И како може новата власт – но и секоја друга, која и да е и каква и да е – да функционира нормално во такви партизирани институции?
И како тогаш очекуваме одговорност во една таква нефункционална збирштина? Или кај нас, не само во политиката, важи „доктрината“: да му ја отежнеме работата на политичкиот противник до крајни граници? Е кога таа и таква политикантска „доктрина“ се наметнува од луѓето без сенки, тогаш се случуваат катастрофи!
Ако „доктрината“ на партијноста, на партиската профитабилност и омраза кон другиот, на нечии и некакви „каузи“ во Македонија инсистираат на профанисување на кадровската политика заради етнички, политички и којзнае какви други поени, што едновремено значат и понижување на граѓанинот и негрижа за неговата благосостојба и безбедност, тогаш катастрофите добиваат непредвидливи размери. И не можат да се контролираат!
И токму тоа е седумгодишното политичко наследство на онаа секта без сенка и нејзините коалициски, партиски и интелектуални приколки, коешто наследство сега со сите сили се обидуваат да го префрлат на други. Затоа и најблаго речено смешно звучат нивните повици дека тие „нема да молчат“, дека нема да го остават „јавниот интерес во рацете на политичари што правдата ја испорачуваат според нивната политичка потреба“.
Кога во сектата би имало луѓе кои навистина знаат што е тоа јавен интерес, прво што би направиле би било да ја побараат онаа метла што нивниот екс-премиер ја има некаде зафрлено и да зачистат „по дома“!
Извор: Теодосиевски уметност