Луѓе без идентитет
Не знам зошто отворено не се поставува и прашањето зошто највисоките македонски институции, оние од форматот токму на Уставниот суд, МАНУ, Универзитетот…, уште во онаа 2022 година односно по обзнанувањето на тој ступиден Протокол, не покренаа иницијатива за негово преиспитување од сите аспекти?
Не сум сигурен дали, и колку, екс-пратеничката Поповска како дипломиран технолог е компетентна за толкување на меѓународни договори, нивните придружни акти и нивната усогласеност со Уставот и законите во државава. Но, сигурен сум дека е барем еднакво компетентна или далеку покомпетентна од еден дигестивен хирург кој онака, во слободно време, ја глумеше улогата на министер за надворешни работи и кој потпишуваше такви договори. И бидејќи, верувам, Поповска имала покомпетентни советници од оние на хирургот од калибарот на Заев, Шеќеринска, Маричиќ и др. Од друга страна, според образложението на Иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17.07.2022 година односно барањето за негово поништување, очигледно е дека таа е раководена од добри намери, национални интереси и одбрана на Уставот.
Зашто, како што се наведува во иницијативата, цитираниот Протокол прекршува или е во спротивност со, ни помалку ни повеќе, туку 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од Законот за надворешни работи и 3 члена од Уставот. Се разбира, ако сакаме да бидеме објективни, ќе кажеме дека тоа е нејзино – или (и) на нејзините советници – гледање на нештата за тој проклет Протокол и дека Уставниот суд е меродавната инстанца за соодветен одговор. И до тука ништо не е спорно. Одлуките на Уставниот суд, велат, не се коментираат – иако не гледам зошто и кој тоа го смислил! – но имајќи предвид некои претходни постапки токму на тој суд во еден поинаков состав, без оглед дали и колку неговите одлуки се конечни, не сум сигурен дека и Поповска, но и ние со неа, баш (ќе) мораме да се помириме.
Велам „и ние со неа“ зашто сум сигурен дека нејзината Иницијатива ја поддржува огромен процент од македонските граѓани, без оглед на конечниот резултат. Зошто никој од нас не се осмели(л) уште во онаа 2022 година да поднесе таква иницијатива е тема за некое идно размислување.
Меѓутоа, потегот на Поповска, освен што нѐ поставува сите како македонски граѓанин пред сивилото на нашата совест, поставува и едно уште поважно прашање: што правеше односно прави македонската стручна „фела“ и оној буљук „аналитичари“, „коментатори“ и „колумнисти“ – кои, наводно, се тука за да перцепираат „сериозни проблеми“ – и зошто тие не покренале односно покренуват таква иницијатива? „Одозгора на тога“, ни оваа не ги интересира, не јаспомнуваат, целосно ја игнорираат…! Или сметаат дека Протоколот во којшто се запишани сите оние гадости, а потпишан од хирургоит како експерт за меѓународни договори е легитимен, законски, уставен… па следствено тоа би бил/е залуден чин, бесполезно губење време? Па дури и да е така, а не е, зошто никој јавно не излезе да ѝ објасни на Поповска, но и на сите нас, дека тоа е однапред загубена битка? Но и да го аргументира тоа свое мислење!
Сето ова го спомнувам не само како поддршка на Иницијативата на Поповска – дури и да е однапред загубена битка – поради фактот што на социјалните мрежи одамна се среќаваат слични ставови во врска со (не само) Договорот со источниот сосед и придружните протоколи туку и за Преспанскиот договор и неговото третирање на „македонското прашање“. (Она коешто, нели, не постои!). И тоа не од „безпослени“ и неграмотни луѓе туку од правници, универзитетски професори, политичари… Дали се сите тие правно неписмени, стручно некомпетентни, а само Бујар Османи, Заев и Шеќеринска и нивната „пајтон интелигенција“ се од господа пратени на земјава да ни ги објаснат и средат работите со соседите и со Европа? Ако правната „фела“ во државава не сака, или не смее – поради икс причини – да се впушти во една таква битка за базичните национални интереси, тогаш за што ни се тие и такви прдљовци? И нели имаме „уставотворци“, па „државотворци“, па и загрижени Македонци меѓу нив, кои со децении одлучија – да молчат? И кој и каков е нивниот кредибилитет како правници, универзитетски професори, јавни личности кои умеат да тртљаат за сѐ и сешто во државава, за секакви маргинални прашања и загрозените права на едикоиси во земјава, но не умеат, или не сакаат да се ангажираат во одбраната на македонските национални интереси?
Впрочем, не знам зошто отворено не се поставува и прашањето зошто највисоките македонски институции, оние од форматот токму на Уставниот суд, МАНУ, Универзитетот…, уште во онаа 2022 година односно по обзнанувањето на тој ступиден Протокол, не покренаа иницијатива за негово преиспитување од сите аспекти? Да, знам дека имаше некакви спорадични реакции, но не во форма на актуелната Иницијатива, па следствено и беа бргу маргинализирани. И дали и овде се поставува прашањето за целосната партизираност и на овие институции, каде распоредот на силите внатре е по правило на погрешната страна?
Се разбира, секогаш постои и лошото за нас решение односно дека спомнатите институции како најмеродавни во државава, па и оние одамна јавно компромитирани професорчиња, знаат дека една ваква Иницијатива е можеби, само можеби, правно неодржлива односно уставно и законски невтемелена. Но нека е и така, меѓутоа нејзината суштина е она што во случајот е најбитно, а не формата или конечниот резултат! А суштината е таа: дека токму највисоките државни/национални институции, најистакнатите професори и јавни личности односно целата македонска интелигенција мора(ше) да застане зад еден таков протестен чин каков што е оваа Иницијатива, без оглед дали истата е правно издржана или не! Па ако не е, да помогнат таа да се „поправи“. Или можеби се плашат дека таа – ќе победи?
И впрочем, ако во онаа 1920 година, значи пред цели стотина години, Македонци од целиот свет испраќале писма до Лигата на народите дека тие не се безлична односно анационална маса, дека тие имаат посебна националност која не е ни грчка, ни бугарска ниту пак српска, како овие денешни слепци ги мрзи да напишат барем два реда во полза на националните интереси на државата? Па дури и се плашат да го спомнат нерешеното „македонско прашање“ но сакаат да пелтечат за некаков „македонски синдром“? И како, и зошто, во земјава стана поважно да се (демек) контраспинуваат сечии изјави – особено на премиерот и опозицијата – но не и да се кажат збор-два за една ваква Иницијатива или за историските спинови на бугарската и грчката политика? Или како на онаа политикантска група србофоби наводниот „српски свет“ толку им боцка очи но не и „бугарскиот свет“, источниот мрачен национализам, домашново налудничаво самозадоволство…?
И како, впрочем на македонската „интелигенција“ ѝ станаа попроблематични оние илјада денари линеарно покачување за пензионерите, оние пет-шест потрошувачки кошнички и слични маргиналии, ама така и толку гласно ја премолчуваат оваа Иницијатива? Или и таа им ги ремети плановите за замисленото евроинтегрирање на државата?
И, конечно, зошто т.н. национални медиуми, кои се сѐ друго освен тоа – со мали исклучоци – целосно ја игнорираат оваа Иницијатива и самата суштина на прашањето на македонските евроинтеграции, зошто кај нив секогаш постои расположение за секакви „опозициски“ кукумјавки и будалаштини но не и оние кои говорат за страотното антимакедонско наследство од последните седум заевистички години и неговиот „одржлив“ континуитет, зошто никој не ја прашува претходната претседателка на Уставниот суд зошто тотално го игнорираше уставниот основ за прифаќањето на онаков Протокол и сите непоправливи штети што тој ги донесе…?
И дали навистина зборовите на Евангелос Венизелос во не така далечната 1929 година пред еден званичник на Лигата на народите дека меѓу трите категории „славофони“ во Грција – оние кои се идентификуваат како Бугари, оние кои говорат бугарски и оние кои немаат национален идентитет и само сакаат да бидат оставени намира – последното се однесува на нас? И ги потврдуваат ли на дело сите претходно спомнати овие негови зборови, до денешен ден?!
И треба ли да им честитаме за тоа што сакаат да бидат луѓе без идентитет?
Извор: Теодосиевски уметност