Лозарите ги закроија лозјата, се очекува бериќетна година
Министерот за земјоделство во Неготино изјави дека лозарсвото е стратешка гранка.
Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа денеска учествуваше во закројување на лозје во неготинско, во чест на денешниот празник ,,Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите.
– Очекуваме оваа година да биде добра, бериќетна, исто така да може самите лозари да бидат претпазливи во делот на квалитетот што треба за производство на грозјето, а од друга страна, како министер и како одговорен за ресорот за субвенциите, гарантирам дека ќе ја имаат истата помош, истата поддршка од наша страна – изјави Хоџа.
Лозарството, нагласи тој, е навистина стратешка гранка за нашата држава.
– Мора заеднички со дијалог и со лозарите и со откупувачите, односно со винарските визби, да придонесеме за да биде лозарството одржливо, развојно и приоритетно за нашата држава – посочи Хоџа.
Неготинскиот градоначалник, Тони Делков потсети дека во неготинскиот крај нема семејство коешто не се занимава со лозаропроизводителство, дали професионално или како дополнителна дејност.
– Неготино и секој еден наш граѓанин се гордее на виновата лоза, на производството на вино и ракија – додаде Делков, осврнувајќи се на настаните организирани по повод празникот, посакувајќи плодна и успешна година.