ЛОВЦИТЕ НА СУБВЕНЦИИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ПЛЕН Помошта од државата ќе оди кај вистинските земјоделци
Вистинскиот земјоделец му плаќа на сопственикот за користење на земјиштето. Сопственикот аплицира за субвенции, државата му ги исплаќа, а тој воопшто не го обработува земјиштето, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и најавува дека тоа ќе се промени.
Секој земјоделец кој сериозно и посветено работи и продуцира земјоделски производ го нарекувам вистински земјоделец, а сите оние кои сакаат да импровизираат или да го заобиколуваат процесот се т.н. ловци на субвенции, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– Ги следам реакциите и можам со сигурност да кажам дека најгласни се оние кои не учествуваат во земјоделскиот процес и се чувствуваат загрозени дека ќе бидат елиминирани од новата програма за субвенции. Тие се многу погласни од оние кои сериозно и посветено работат на своите површини и продуцираат земјоделско производство – рече министерот во гостување на ТВ Стар.
Тој појасни дека е направена детална анализа за тоа каде била државата, каде е сега и каде треба да стигне во наредниот период. За таа цел е формирана посебна работна група што изработила анализа за стратешкиот период 2021–2027 година, со цел утврдување на приоритетите и целите што треба да ги постигне стратегијата.
Според министерот, податоците од анализата се загрижувачки, поради што се одлучило да се воведат новини со кои средствата што ги обезбедува државата ќе завршуваат кај вистинските земјоделци.
Тој нагласи дека со новините во програмата ќе се воспостави ред во целиот сектор.
– Ако од 2007 година до минатата година се поделени над 1,8 милијарда евра во вид на субвенции, а денес состојбите се безмалку слични или исти како претходните години, неминовно е дека треба да направиме промени – порача Трипуновски.
Тој кажа дека има случаи каде лица поседуваат земјоделско земјиште, но не го обработуваат, туку го издаваат под наем на некој што навистина сака да произведува храна.
– Вистинскиот земјоделец му плаќа на сопственикот за користење на земјиштето. Сопственикот аплицира за субвенции, државата му ги исплаќа, а тој воопшто не го обработува земјиштето. Вистинскиот земјоделец, кој плаќа закуп за земјоделско земјиште, не може да добие никаква поддршка од државата, бидејќи таа ја користи сопственикот на земјиштето – посочи Трипуновски, образложувајќи ги причините за новините во програмата.
На тој начин се одлеваат средства од државата кон категорија на луѓе кои не произведуваат, додава Трипуновски.
– Затоа велиме, ако имате земјоделско земјиште, треба да докажете дека најмалку 30 проценти од вашето производство сте го предале во некој од регистрираните откупни или преработувачки капацитети. Теренските контроли и оваа условеност ќе резултираат субвенциите да завршуваат кај вистинските земјоделци – вели министерот.