Лошата орална хигиена може да влијае врз точноста на резултатите за ковид-19

728

Студија спроведена во болница во Токио открила дека лошата орална хигиена може да доведе до продолжено вирусно присуство кај пациенти со ковид-19. Во студијата е забележано дека пациентите со неадекватна орална хигиена имале повторени позитивни резултати на ПЦР тестовите на вирусот долго по нивното клиничко опоравување што ги наведе истражувачите да претпостават дека оралната хигиена може да влијае врз точноста на тестирањето на вирусот, објави Dental tribune.

Истражувачите го следеле текот на лечење на осум пациенти со ковид-19 кои биле примени на Одделението за неврологија во токиската Метрополитен невролошка болница помеѓу 30. април и 14. мај 2020 година. Пациентите ја минале акутната фаза на болеста, но се примени во болница за заразни болести поради упорни позитивни резултати на ПЦР тестовите за САРС-КоВ-2.






Студијата открила дека периодот во текот на кој вирусот сѐ уште бил откриен по клиничкото опоравување бил во распон од еден до 40 дена. Утврдено е дека просечен период на постоење на вирусот бил 15,1 ден, но кај двајца пациенти бил продолжен на 53, односно на 44 дена. Забележано е дека пациентите кои имале два негативни резултати на ПЦР тестот во рок од 18 дена од клиничкото опоравување, ја одржувале својата орална хигиена, која подразбира редовно миење на забите, додека биле хоспитализирани во приватни соби во болницата. Другите пациенти кои имале ментални и/или психијатриски пореметувања не ги миеле забите доброволно додека биле во болница.

Откако им било укажано редовно да ги мијат забите, овие пациенти добиле негативен резултат во рок од 4 до 8 дена.

Едната пациентка имала шизофренија и не можела доброволно да одржува хигиена. Прв пат ги измила забите на 18-тиот ден по хоспитализацијата. 46 дена имала позитивен резултат, а два дена по почнувањето да ги мие забите, го добила првиот негативен резултат.

Другиот пациент имал дисоцијативно пореметување и блага ментална ретардација. Добил негативен резултат на ПЦР тестот по 26 дена, но имал присуство на вирусот до 43 дена кога добил два негативни резултати.

– Во такви продолжени случаи кои покажуваат присуство на вирусот, неинфективна вирусна нуклеинска киселина може да се акумулира во неисчистената усна шуплина и може и натаму да се детектира со ПЦР-тест. Предлагаме четкање на забите и испирање на усната шуплина за отстранување на насобраната неинфективна вирусна нуклеинска киселина, што доведува до константно негативни резултати на ПЦР тестовите и на тој начин се избегнува непотребно долго престојување во болница – заклучиле истражувачите.

Студијата под наслов „ Effects of oral care on prolonged viral shedding in coronavirus disease 2019 (COVID-19“ е објавена на 24. јули 2020 година во онлајн изданието „ Special Care in Dentistry .

Поврзани содржини