Лош ден за шверцер на мигранти – удрил право во полициска кола

1,393

ЛЕТО, МЛАДИ И МАРИХУАНА – На 17.08.2020 во 01.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во близина на паркинг просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги лишиле од слобода Ј.П.(26) од Дебар и П.П.(20) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај нив била пронајдена марихуана.

На 16.08.2020 полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Христо Татарчев“ го лишиле од слобода А.Ј.(27) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. Истиот ден на ул.„Антон Димитров“ бил приведен Н.С.(29) од Скопје, затоа што и кај него била пронајдена марихуана.






Против момците ќе бидат поднесени соодветни поднесноци за прекршоци.

ПРЕГАЗЕН ДЕДО ОД СКОПЈЕ – На 16.08.2020 во 09.20 часот било пријавено дека на бул.„Македонски просветители“ во Охрид, патничко возило „фиат“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.А.(23) од селото Батинци, Скопско, удрило во пешакот В.Џ.(71) од Скопје. Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид.
Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Охрид.

ТРИ БОМБИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА – На 16.08.2020 во 12.45 часот во СВР Битола било пријавено дека во близина на фудбалското игралиште во селото Долно Оризари, Битолско, при изведување на градежни работи, биле пронајдени три неактивирани рачни бомби, кои потекнуваат од Првата светска војна. Бомбите биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

ЛОШ ДЕН ЗА ШВЕРЦЕР НА МИГРАНТИ – УДРИЛ ПРАВО ВО ПОЛИЦИСКА КОЛА – На 16.08.2020 во 22.30 часот било пријавено дека на магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучка Радовиш, патничко возило „ауди Q7“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР. На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Медицинскиот центар Штип. Останатите лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Штип.
Извршен бил увид на местото на незгодата од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица. Во периодот од 22.40 до 23.40 часот сообраќајот на наведениот патен правец бил во прекин, а потоа е пренасочен по спореден пат.

ДВАНАЕСЕТ ВОЗАЧИ СИ ВОЗЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА – Во текот на 14, 15 и 16 август на подрачјето на СВР Скопје санкционирани се 36 возачи затоа што управувале моторно возило со брзина поголема од дозволената, осум возила бидејќи биле нерегистрирани, 12 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување на моторно возило, тројца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, а 99 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.

ВЕЛОСИПЕДИСТ УДРИЛ ВО БЕТОНСКА ОГРАДА И ПОЧИНАЛ – На 16.08.2020 во 10.20 часот било пријавено дека на ул.„1“ во селото Долно Лисиче во Скопје, В.Б.(78) од селото Долно Лисиче, управувајќи велосипед, удрил во бетонска ограда по што паднал на коловозот и починал на местото на незгодата.
Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.

Поврзани содржини