ЛОНЧИЊАТА ГИ ПРОНАЈДОА МЕСТАТА Грашо ќе пее во Македонска Каменица, Лукас ќе ги забавува рударите во Крива Паланка
Датумита на музичките манифестации на двете општини се совпаднаа, па се помешаа и музичарите кои ќе настапат.
Хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо ќе настапи на тридневниот музички настан во Македонска Камаеница кој ќе се одржи од 26 до 28 август.
„Еден од најпознатите хрватски изведувачи, текстописци, кантавтори и композитори, човек кој во богатата кариера соработува со сите популарни балкански музичари и е добитник на сите музички награди во регионот, доаѓа во Македонска Каменица“, најавија од Општината.
Покрај Грашо, најавено е учество и на повеќе македонски и регионални музички имиња. Настанот ќе го отвори Џамбо Агушев со неговиот оркестар, потоа ќе настапат Нокаут и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд како и Љубојна, Ареа, Ѓоко Јовиќ и Енерџи бенд, Brass Brothers и културно-уметнички друштва од Македонија, Бугарија и Србија.
По драмата која се случуваше со учеството на српскиот турбо-фолкер Аца Лукас, и преписките Министерство за култура – градоначалник на Крива Паланка Сашко Митовски, решена е дилемата. Лукас ќе настапи во Крива Паланка, на настанот кој се организира во чест на Денот на рударите, како и по повод 29 август, прославата на патрон-празникот на градот и чествувањето на светецот-закрилник на оваа општина, Јоаким Осоговски.
Медиумите објавика и дека причина за недоразбирањата е и наводната грешка на менаџерскиот тим на Аца Лукас, кој на ист датум му закажал настап на две локации, во Македонска Каменица и Крива Паланка.