Лончар: Логично е барањето на лекарите невакцинираните сами да плаќаат дел од трошоците за лекување
Здравствените работници со причина го велат тоа за да ја подигнат свеста кај луѓето, има такви кои не веруваат дека постои корона, не веруваат во вакцините, а кога ќе се разболат знаат дека државата сè ќе плати, вели српскиот мнистер за здравство.
Сосема е логично барањето на лекарите невакцинираните граѓани сами да плаќаат дел од трошоците за лекување на коронавирусот, изјавил министерот за здравство на Србија Златибор Лончар.
Според него, има доволно вакцини, а и граѓаните можат да избираат која вакцина ќе ја примат. Лончар вели дека таквото барање не би имало смисла ако државата не обезбедила доволно вакцини за сите граѓани, и укажа дека граѓаните не размислуваат за трошоците на лекување бидејќи знаат дека тоа го плаќа државата.
– Здравствените работници со причина го велат тоа за да ја подигнат свеста кај луѓето, има такви кои не веруваат дека постои корона, не веруваат во вакцините, а кога ќе се разболат знаат дека државата сè ќе плати. Ако сте вакцинирани најверојатно нема да бидете во болница. Вака, ниту се придржуваат на мерките. Ниту се вакцинираат па доаѓаат во болница и очекуваат државата се да покрие-вели Лончар.
Тој обелодени и дека во Србија има 8 изолирани случаи со делта сојот, но предупредува дека сигурно има повеќе, и дека со одолговлекување на вакцинацијата само повеќе ќе се отвори простор вирусот да мутира.
– Пандемијата во светот не може да се реши додека нема доволно вакцинирани и сигурно нема да се реши додека не бидат 70, 80 отсто имунизирани глобално. Дали е подобро сите да се вакцинираме на време и да се вратиме на нормалниот живот, а не да се прашуваме каде треба да носиме маска. Без вакцинација тоа не можеме и сè останато е празна приказна – вели министерот.