ЛОКОМОТИВИ, БОЛНИЦИ, ФАКУЛТЕТИ НА ПРИОРИТЕТНАТА ЛИСТА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ ПРОЕКТИ НАД 5 МИЛИОНИ ЕВРА На листата има 41 проект

Првата конечна приоритетна листа, којашто е усвоена, ќе биде клучна основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, соопшти Министерството за финансии.

99

Четириесет и еден проект содржи Првата конечна приоритетна листа на предлог проекти за јавни инвестиции, што ја усвои Владата на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции, соопшти Министерството за финансии.

Листата ги содржи предлог проектните идеи подготвени и проверени од страна на иницијаторите, односно институциите што ги доставиле, а потоа оценети од Министерството за финансии и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.






Меѓу проектите на листата се: Набавка до најмногу 5 нови електрични локомотивии, завршување на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во состав. изградба на објект на Факултетот за физичко образование, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, изградба на Клиничка болница во Штип, студенстки дом и медицински факултет, изградба на болница во Кичево и опремување, воспоставување владин примарен податочен центар итн.

„Министерството за финансии по донесувањето на Уредбата за управување со јавни инвестиции почна со прибирање предлог-проектни идеи со средна и со голема вредност, односно над 5 милиони евра, на коишто изврши детална проверка од аспект на комплетноста на документацијата, квалитетот на доставените податоци, стратешката релевантност и основната подготвеност на проектната идеја за понатамошна разработк. Врз основа на таа анализа Министерството изготви Листа на предлог проектни идеи за јавни инвестиции и мислење за финансиските аспекти, одржливоста и изводливоста, којашто беше доставена до Комитетот за јавни инвестиции на одобрување и до Владата на усвојување“, соопшти Министерството за финансии.

На листата се содржани проекти од инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, како и проекти од областа на земјоделството и водостопанството.

„Првата конечна приоритетна листа, којашто е усвоена, ќе биде клучна основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, што значи дека институциите при своето идно инвестициско планирање треба да се  усогласат со оваа листа“, соопшти Министерството.

Вклучувањето на предлог проектите на конечната приоритетна листа  на предлог проекти за јавни инвестиции не значи и обврска за негово финансирање, ниту конечна одлука за негово спроведување, се додава во соопштението.

„Одлуката за финансирање на проектот ќе се носи понатаму, преку процесот на капитално буџетирање во рамките на расположливите буџетски средства, односно преку инвестициско планирање во рамките на расположливите финансиски средства на јавните субјекти кои не се буџетски корисници, во зависност од зрелоста на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година“, додава Министерството.

Донесувањето на Уредбата, како и на оваа листа е во согласност со Реформската агенда 2024 – 2027 а во насока на управувањето со јавните инвестиции.

„Уредбата произлегува од Законот за буџети и е донесена минатата година. Комитетот за јавни инвестиции исто така беше формиран минатата година, а првиот состанок се одржа во април оваа година со што започна примена на еден посистематски пристап во планирањето и управувањето со јавните инвестиции во државата. Односно, станува збор за нов начин на организирање и носење одлуки за капитални проекти со вредност над 5 милиони евра, а целта е одлуките за реализација на проектите да се ностат транспарентно и поедноставно да се планираат буџетите за следните години“, соопшти Министерството за финансии.

Листата на проекти може да се види ОВДЕ.

Поврзани содржини