ЛОГА И АДЕМИ ГО ИГНОРИРААТ СУДСКИОТ СОВЕТ Ниту доаѓаат на седници, ниту кажуваат зошто

Министерот за правда, Кренар Лога, и претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, иако уредно поканети, веќе подолго време не присуствуваат и не известуваат за своето отсуство на седниците на Судскиот совет на кој се членови по функција.

220

Министерот за правда, Кренар Лога, и претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, кои се членови по функција на Судскиот совет на Република Северна Македонија, иако уредно поканети за денешната 452 седница, не се присутни и не го известиле Советот за нивното отсуство, пренесува МИА.

Останатите членови на Судскиот совет констатираа дека членовите по функција, иако се уредно поканети, не присуствуваат и не известуваат за своето отсуство на седниците. Тоа, како што посочија, е пракса подолго време.






Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, посочи дека присуството на членовите по функција на седниците, особено може да биде значајно за разгледување и изнаоѓање решенија за состојбите во правосудството, за разлика од тоа за некои работи повеќе да се комуницира преку медиумите.

Членот на Советот, Ивица Николовски, предложи Претседателот на Судски совет да побара информација за нивното отсуство, посочувајќи дека треба да се прекине праксата, само да се констатира дека се отсутни.

Според членот Селим Адеми,  тие се уредно поканети и Советот не може да констатира оправдано или неоправдано.

Тања Чачарова-Илиевска, рече дека тоа што станува збор за членови на Судски совет по функција, не ги оправдува за нивното отсуство и дека можеби треба да се стави забелешка на делот каде е констатирано дека се отсутни, дека не доставиле известување и за претходните седници за кои ќе се утврди дека не доставиле известување.

Советот го прифати предлогот на членот Антоанета Димовска, дека е доволно почнувајќи со денешната само да констатираат на записник дека не го известиле Судскиот совет за нивното отсуство, без да навлегуваат дали е оправдано или неоправдано нивното отсуство. 

Поврзани содржини