КИЛОМЕТАРСКИ ЛИСТИ ВО ГРАДИНКИТЕ Децата ќе пораснат додека возрасните се договорат

Над 2.400 деца чекаат да бидат згрижени во неколку скопски општини, бидејќи изминатите години нема изградено ниту една нова градинка во Скопје, обвинија од опозицијата.

1,308

Загрижени родители, незгрижени дечиња, општински обвинувања, меѓуинституционални недоразбирања, недоволен капацитет, како и недостиг на кадар е моменталната слика која се случува во воспитно-образовните институции за деца од претшколска возраст во главниот град.

Состојбата во јавноста ја разбранува изјавата на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски кој рече дека во моментов во неговата општина на листата на чекање има 306 деца кои треба од септември да бидат примени во градинка. Но тој потенцираше дека нивното место е зафатено од околу 200 деца кои не се со адреса на живеење во Карпош, па поради тоа побара од родителите до 10 јуни тие деца да бидат испишани.






Голем дел од овие деца се запишани во градинки во Карпош затоа што или таму имаат роднини кои може да ги земат или нивните родители работат во близина.

– Во врска со новиот проблем што се појави со децата кои општина Карпош сака да ги испише, првично, немаме реални информации за колку деца станува збор. Се надеваме дека во наредните денови ќе ги добиеме податоците преку непосреден контакт со општина Карпош. Но, тука се појавува проблем во нашето законско регулирање при прием, затоа што истите тие не се пријавени на листите на чекање во системот во градинките во Ѓорче Петров – ни изјави градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски.

Тој посочи дека децата кои веќе се запишани во Карпош, а се од Ѓорче Петров не треба да бидат отпишани, туку градинките во Карпош од септември да не запишуваат деца од други општини.

– Свесни сме за проблемот со недостиг на капацитети во градинките, но интензивно работиме на негово решавање. Секојдневно се соочуваме со овој проблем, за кој често се разговара и на приемен ден на градоначалникот со граѓаните. Ваквите проекти се од приоритетно значење за општината, со цел обезбедување услови за сместување на секое дете – рече Стојковски.

Во Ѓорче Петров повеќе од 500 деца се на листа на чекање за место во градинка. Планот за намалување на бројот на оние што чекаат е отворањето на новите три занимални во клонот „Детелинка“ која ќе има опфат од околу 100 деца. Просториите можеа да бидат отворени уште пред 5 месеци, но проблем е што Министерството за труд и социјална политика (МТСП) сè уште не им дава согласности за вработувања. Се очекува до септември да биде отворена и новата градинка во Волково и доколку навремено добијат согласности за вработувања од МТСП, таму ќе се запишат дополнително уште 200 деца.

Според податоците од градинките, на листа на чекање за место од септември во Општина Центар се околу 200 деца.

– Градинките во Општина Центар работат согласно Правилник за прием на деца, кој на децата од Општина Центар им овозможува непречено да се запишат во нив. Доколку родителите на децата од кои било причини се решат да го запишат детето во текот на годината, кога капацитетите во моментот се исполнети, ќе бидат ставени на листа на чекање и во првата прилика, а најдоцна до септември, ќе им биде овозможено да се запишат – велат од општина Центар за Плусинфо.

Оттаму велат дека Законот за Заштита на деца овозможува запишување на деца и од други општини и тие како централна општина имаат и законска и морална обврска да им излезат на родителите во пресрет, доколку во тој момент има слободни капацитети.

За упис во градинка во општина Кисела Вода чекаат околу 200 деца.

– И сега, но и во иднина, при запишување приоритет имаат децата од општина Кисела Вода, но нема да побараме од родителите кои се од други општини да ги отпишат децата кои претходно се запишани во јавните детски градинки на наша територија – ни одговорија од Кисела Вода.

Наспроти тоа, Општина Кисела Вода е фокусирана на создавање нови места за згрижување на децата преку отворање нови градинки и проширување на капацитетите на постојните. Во периодот што следи ќе се отворат три градинки со вкупен капацитет за околу 400 деца.

– Во Усје веќе се одвиваат подготвителните активности за отворање на нова градинка, преку адаптација со пренамена на објектот. Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред сè, од овој дел на градот, односно од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Паралелно, во населбата Расадник во моментов работиме на проектот за изградба на сосема нов објект кој ќе биде во рамките на постојната, ЈДГ „8 Март“. Летово таму отпочнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Место за нови 100 деца и растоварување на постојните капацитети се овозможува и со пуштањето во функција на новата градинка во Драчево – нè информираа од Општината.

Како што велат за Плусинфо од Кисела Вода со отворање на сите овие објекти, во оваа општина ќе има место за згрижување на сите деца од овој дел на градот, а се надеваат и за деца од соседните општини.

Во врска со ова прашање реакција имаше и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде истакнаа дека родителите мака мачат да ги сместат своите деца во овие воспитно-образовни институции од претшколска возраст.

– Негрижата на оваа неспособна власт се гледа и во тоа што со месеци не дозволуваат согласности кои се побарани од градинките во скопските општини. Станува збор за скоро 90 негувателки и персонал во градинките кои треба да се грижат за децата не се одобруваат во Аеродром, Бутел, Гази Баба и во Ѓорче Петров – реагираат од опозицијата.

Оттаму истакнуваат дека нивните градоначалници имаат опструкции од МТСП и од министерката Јованка Тренчевска околу согласностите за изградба на градинки, но и покрај тоа активно работат за решавање на овој реален проблем.

Од Министерството за труд посочија дека не е педагошки децата кои веќе ги посетуваат градинките да се отстранат од воспитните групи и од градинката, а на општина Карпош ѝ препорачаа да ограничи прием и упис на нови деца од други општини.

– Бидејќи децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од јавните установи за што родителите и установите склучиле важечки договори, веќе посетуваат градинка подолг период некои и од раѓање, сметаме дека не е педагошки да се отстранат од воспитните групите групи и од градинката, а општина Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини – велат од МТСП.

Поврзани содржини