ЛИСИЦИТЕ НЕ НАПАЃААТ ЛУЃЕ Апел од Анима мунди да не кревате паника ако видите лисица во град

Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт.

130

Здружението Анима мунди апелира до граѓаните да не креваат паника ако видат лисица, бидејќи овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.






Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.

Што треба да направите ако видите лисица?

– Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
– Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
– Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
– Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.

– Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата – велат активистите на Анима Мунди.

Тие споделија и мислење од Македонското еколошко друштво (МЕД):

„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки. Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и во селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно“.

Поврзани содржини