ЛИНИЈАТА 35 НЕ Е УКИНАТА Левица шири лажни вести, Мисајлески бара Давчева јавно да се извини
Славчо Мисајлески, советник во Советот на Град Скопје, ја обвини Левица дека шири паника и вознемиреност меѓу граѓаните, особено кај учениците од средните училишта во Град Скопје.
Славчо Мисајлески, советник во Советот на Град Скопје, демантира дека е укината линијата број 35, како што вчера тврдеше Левица.
Тој ја обвини Левица дека шири паника и вознемиреност меѓу граѓаните, особено кај учениците од средните училишта во Град Скопје.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје советничката Милица Давчева изјави дека е укината линијата 35 која доаѓа од Скопје Север и оди до Аеродром, а која ја користат учениците од СУГС „Марија Кири Склодовска“.
– Таа информација беше свесно споделена на социјалните мрежи со цел создавање паника помеѓу корисниците на таа линија. Вистината е дека линијата со број 35 воопшто не е променета, а впрочем не беше ни предмет на разгледување во Одлуката за измена на линискиот превоз на патници во Градот Скопје. Доколку ги проучуваат материјалите правилно и присуствуваат на матичните комисии, како и на организираните јавни средби каде што се разгледуваше одлуката пред усвојување, не би дале свесно ваква изјава. Но можеби впрочем и затоа не присуствуваат со цел да имаат простор за да продуцираат на ваков начин лажни вести – вели Мисајлески.
Тој упати молба до граѓаните со голема резерва да ги прифаќаат сите изјави изнесени од советниците на Левица во Советот на Град Скопје затоа што, како што рече, се со единствена цел за свесно создавање лажна паника и вознемиреност.
– Се докажа дека интересот на Левица не се граѓаните на Град Скопје, туку единствено е нивниот личен политички интерес кој го добиваат преку лажен ПР, лажни вести и манипулации со јавноста. Барам од советничката Милица Давчева јавно да се извини за дадената лажна изјава и за тоа што свесно создаде паника и вознемиреност кај граѓаните посебно меѓу учениците од средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ – рече Мисајлески.