ЛИНГВИСТИЧКА АНАЛИЗА НА МАКЕДОНСКАТА ЛЕКСИКА Објавена книгата „Македонистички, социолингвистички и културолошки проучувања“
Автор на книгата е проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.
„Бата прес“ ја објави книгата „Македонистички, социолингвистички и културолошки проучувања“ од д-р Елена Јованова-Грујовска во која авторката ги разработува лексичко-семантичките, зборообразувачките и социолингвистичките аспекти на современиот македонски јазик.
– Со објавувањето на делото, добиваме експертска, лингвистичка анализа на македонската лексика во повеќе жанрови: поезија, проза, драми, детско творештво – нагласува проф. д-р Весна Костовска во рецензијата за книгата.
Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска (1966) е универзитетски професор и директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Автор е на делата: „Валоризација на колоквијализмите во македонската јазична средина“, „Лексичко-семантичка анализа на именките со субјективна оценка во македонскиот јазик“ и „Капка по капка – вирче (македонско-албански пословични паралели)“. Коавтор е на дел во првиот, вториот и четвртиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“, коавтор е на делата „Мал речник на туѓи зборови во македонскиот јазик“ и „Македонско-украински пословици и поговорки“.