ЛИЛЈАНА ПОПОВСКА ОСТРО РЕАГИРА Случајот со Ана Петровска е класично тргување со политичко влијание!

„И ова ќе биде уште една епизода на патот на политичкото зреење, посебно во делот на зелените политики. А здрави и чесни борци за подобра животна средина има и ќе ги има сѐ повеќе“, вели поранешната лидерка на ДОМ.

1,753

Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и долгогодишна претседателка и основач на македонската  партија на зелените ДОМ, во разговор за Плусинфо зборува за разрешувањето на директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ана Петровска, потег на власта кој предизвика многу реакции и протести на екологистите.

Освен за заминувањето на Петровска од државниот инспекторат, лидерката на зелените политики открива колку навистина е жешко столчето на зелените во државните институции, затоа што и претходно имало смена на професионалец кој од политички причини бил заменет со безгласен кадар.






Поповска ја затекнавме на годишен одмор во странство, но сепак без двоумење прифати да поразговараме за тоа како таа го доживеалa разрешувањето на еден исклучителен борец за здрава животна средина, чин кој не е поттикнат од лошото работење на Петровска, напротив, по добри резултати следува разрешување, само поради политички причини.

– Болно, со многу горчина поради неправдата што е нанесена и штетата врз животната средина и институциите што ќе следи! Неправда пред сѐ кон Ана Петровска, како човек, искрен и посветен екологист и врвен професионалец, со широка наобразба и знаење. Сум имала привилегија да работам со неа повеќе години и знам дека на секој проблем му приоѓа темелно, мултисекторски, го гледа во систем и го решава системски, за да биде одржливо решението. Не можам да набројам во колку закони и амандмани учествувала, колку важни технички решенија и мерки предложила, колку замрсени случаи на загадување решила! Таа не е само екологист по професија, таа е екологист по животен стил и убедување. Чесен, паметен и пристоен човек со висока култура и етика! Вакви луѓе се скапоценост за едно општество и треба да се негуваат, а не да се ништат!

Зошто се повторуваат ненадејните смени во Државниот инспекторат за животна средина?

– Државниот инспекторат за животна средина е најжешкото еколошко столче во Македонија и тест за отпорност кон корупција. Но и најголем трн в очи за валканите бизниси. Да, ова е веќе видена ситуација во оваа институција. Првиот пат, во 2017 беше неправедно сменет Мирослав Богдановски, кој во шесте месеци како директор ги започна промените: за прв пат ја отвори институцијата кон медиумите и кон граѓанскиот сектор; влезе во рудникот Казандол, обезбеди доказ дека не е исполнет договорот и и даде аргументи на Владата за одземање на концесијата; влезе во Дрисла за да утврди дека прочуениот инсинератор за медицински отпад е обично нееколошко ќумбе, па следеше казна и налог за набавка на нова опрема… Но, беше сменет и заменет со кадар за кој не чувме ништо, сѐ до моментот кога изгоре Инспекторатот сосе тони документација. Во таква изгорена институција, без простории за работа, без архива и со грст луѓе, влезе Ана Петровска и оттаму почна да гради систем. За неполна година и таа е неправедно сменета. Единствена разлика помеѓу двата случаја на смена на директори од ДОМ е што првиот пат е сменет по барање на ДУИ, а вториов пат, по барање на ДОМ.

Како да ја заштитиме животната средина од политичките игри?

– За жал, се покажа уште еднаш дека животната средина во македонската политика се третира како монета за поткусурување. Случајот со Ана Петровска е класично тргување со политичко влијание, каде непосредни трговци се политичките лидери, а бенефитите ги имаат бизнис структурите зад нивните грбови.

Но, ова е ризична игра и може да изгориш како политичар и тоа токму во моментот кога мислиш дека си победил. Особено ако излезеш пред јавноста со триумфалистичко признавање дека стоиш зад егзекуцијата и дека тоа го правиш на „барање на граѓанските организации“. А граѓанските организации се на нозе против тој чин! Каков самоубиствен потег…

И ова ќе биде уште една епизода на патот на политичкото зреење, посебно во делот на зелените политики. А здрави и чесни борци за подобра животна средина има и ќе ги има сѐ повеќе. Пожари, поплави, суши од невидени размери ќе уверуваат се поголем број луѓе дека климатските промени предизвикани од неодговорноста на човекот се реалност и дека се потребни одговорни зелени политики за спас на планетата.

Поврзани содржини