Ликвидација или тотална (рас)продажба на државното земјоделско земјиште?
Деновиве овие најави се обистинија и на системот ЕНЕР на кој Владата ги најавува законите, е поставен Нацрт-Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. Внимателно го исчитав Законот и веднаш да порачам на надлежните: ПОВЛЕЧЕТЕ ГО ОВОЈ ЗАКОН!
Се сеќавам добро кога во 2013 година ја добив информацијата дека ќе се носи Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. Во првиот момент не верував дека некој тоа сериозно го мисли, па затоа се обидов да го проверам сето тоа. За жал, беше точно. Веднаш реагирав со став дека ова никако не треба да се дозволи и да се заборави на оваа работа. Стапив во контакт со дел од надлежните во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), и аргументирано образложив за мојот став ПРОТИВ. И во јавноста го изнесов овој мој став. За жал, не успеав во спречување на носењето на Законот, но она што можеби имаше влијание, не само од мене туку и од пошироката научно-стручна јавност, како и од праксата, беше тоа што во Законот се внесоа одредби со кои ќе се отежне продажбата, па дури и ќе се оневозможи. И тоа се случи, па така по овој Закон не се продаде ниту еден квадрат државно земјоделско земјиште.
Во 2017 година, сегашната власт имаше најави дека ќе го укине овој Закон, што за мене беше добра вест, но тоа не се случи. Тоа што се случи е дека се извршија две измени на Законот во 2018 година, со што се овозможи да се продаде земјиштето под оранжериите и помошните објекти, како и земјиштето определено како технолошка целина на стопански двор. По овие измени се продадени 280 хектари.
За жал, настаните се повторуваат и некаде во минатата година се најави дека ќе се носи нов закон за продажба на државното земјоделско земјиште. Секако јас и натаму опстојувам на ставот ПРОТИВ продажбата и за една од телевизиите повторно јавно изнесов аргументи зошто не треба да се продава овој ресурс. Она што се најавуваше водеше кон операционализација на она што претходно беше отежнато со законот од 2013 година, и дека ќе се оди на масовна продажба на големи површини за да се овозможи во буџетот да се слеат околу 300 милиони евра.
Деновиве овие најави се обистинија и на системот ЕНЕР на кој Владата ги најавува законите, е поставен Нацрт-Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. Внимателно го исчитав Законот и веднаш да порачам на надлежните: ПОВЛЕЧЕТЕ ГО ОВОЈ ЗАКОН!
Во овој мој текст нема детално да навлегувам во материјална расправа по секој член од овој закон (ќе го оставам за друга прилика), туку одново ќе ги повторам ставовите за тоа зошто не треба да се носи ваков закон. Наместо ова потребно е многу внимателно и со детални анализи и компаративни искуства, со почитување на мислењата на сите засегнати страни од научно-стручната јавност, организациите и поединците, да се дојде до целокупно решение и до модел на управување со земјоделското земјиште, вклучувајќи го и државното, што ќе овозможи одржливо искористување на овој ограничен ресурс.
На почетокот мора да се истакне дека земјоделското земјиште е добро од општ интерес за државата, кое согласно Уставот ужива посебна заштита, а го заштитува со посебен Закон, како и останатите природни богатства на државата. Земјоделското земјиште е дел од територијата на Република Македонија, која според Уставот е неделива и неотуѓива. Земјоделското земјиште претставува основен и неопходен фактор за производство на земјоделско-прехранбени производи и не може во услови на масовно производство да биде заменето со друг ресурс. На светско ниво се смета дека повеќе од 97% од храната се произведува на земјоделското земјиште.
Со своите основни специфики за неподвижност, неумножливост и неуништивост, земјоделското земјиште одредува многу општествени и организационо-економски состојби. Неподвижноста и неуништливоста покрај определување на структурата на самото земјоделство (производна и организациска), овозможува и право на сопственост на територијата на оној кој го поседува. Неумножливоста претставува ограничен капацитет за државата во производството на храна.
Република Македонија е држава со многу ограничени ресурси. Само половината од територијата претставува земјоделското земјиште, од кое повеќе од половината се пасишта, додека обработливо земјиште е нешто повеќе од 520.000 хектари, а од ова обработливо земјиште повеќе од 40% или околу 220.000 хектари го претставува државното земјиште кое се сака да се продаде. И тука мора да се истакне дека се работи за земјиште со одлични почвени и инфраструктурни квалитети, со големина и форма на парцелите која овозможува производство со примена на современи техничко-технолошки постапки и обезбедување на конкурентно и економски исплатливо производство.
Ова земјиште е создавано во период после формирањето на македонската држава во постапки на земјишна реформа со т.н. земјишен максимум (честопати недемократски), со разорување на селски утрини, ливади и пасишта, а подоцна и преку купување од страна на поранешните комбинати. Оттука доколку се оствари продажбата, дали нема да значи дека, на некој начин, ќе се врши приватизација на општествен капитал, кој за среќа во 1996 година со посебен закон остана неприватизиран. Но продажбата на земјиштето поради неподвижноста и неуништивоста ќе има сосема други реперкусии на долг рок.
Посебно загрижува тоа што се најавува дека ќе се продаваат големи комплекси. Дури Законот предвидува дека во наредните три години ќе се продадат 50.000 хектари. Се поставуваат повеќе прашања, меѓу кои во последниве денови како да преовладува тоа кои ќе бидат вистинските купувачи. Бидејќи се работи за големи комплекси, тоа не може да се малите семејни земјоделци кои немаат финансиска моќ да купат големи парцели, туку најверојатно ќе бидат големи компании (засега домашни, но со неколку можности тоа да бидат и странски). Ова значи дека со моментот на продажба тие стануваат сопственици, а сопственоста е гарантирана со уставот и на купувачите ќе им овозможи право да постават целосно владение и ограничувања на територијата на земјиштето. Може да ги ограничат останатите сопственици на земјиште кое се наоѓа во нивната околина, веќе да не можат да користат дел од инфраструктурата (пристапни патишта, хидросистеми), и да им оневозможат пристап. Вакви состојби се веќе видени во други држави, каде се случуваат и многу порадикални состојби, со што во стручно-научната јавност е воведен терминот „грабање на земја“, што особено се радикализира кога земјиштето го земаат странски сопственици. Опасностите се и во начинот на искористувањето на земјиштето, кое често пати овие сопственици поведени само од интересот за профит, го користат без почитување на агроеколошките принципи, го користат за производство на култури кои не се за исхрана, но и го пренаменуваат во искористување за минерални суровини или пак во градежно земјиште со што остваруваат и екстремно високи профити, а трајно се губи земјоделското земјиште.
Со оглед на структурата на македонското земјоделство, најголем дел од капацитетите се кај семејните земјоделски стопанства. Нивна карактеристика е што тие се мали со посед кој кај најголем дел од нив не надминува 2 хектара, а која површина е расцепкана на десетина мали парцели. Но тие се витален дел на руралните средини кои зафаќаат околу 87% од територијата на државата, на кое живее 45% од населението. Доколку сакаме да ја задржиме оваа територија и да овозможиме одржливост на ова наше население, државното земјоделско земјиште треба да го искористиме во насока на поддршка на овие наши земјоделци. Тие се клучот за иднината на руралниот развој, за одржливото користење на ресурсите и мултифункционалното и одржливо земјоделство, но и за зачувување на културата и традициите на богатиот фолклор на нашата држава.
Државното земјиште е значаен ресурс кој мора да се чува и управува како „добар домаќин“. Институциите на државата, пред сѐ, владата е таа која го управува ова земјиште и како добар домаќин се очекува така и да се однесува. Добар домаќин никогаш не продава земјиште за некое кратко време добро да живее, да се прошета, да купи автомобил, добра облека. Добар домаќин може да продаде земјиште но парите ги троши да купи друго земјиште или ги вложува во друга недвижност, односно го одржува постојаниот капитал во иста или поголема вредност. Она што во Законот сега се предвидува е дека парите од продажбата ќе одат во буџетите на државата и буџетите на општините што укажува дека со продажбата нема да се постапи домаќински. Сите тие пари (засега од продажбата на 50.000 хектари, или околу 300 милиони евра), ќе бидат потрошени на покривање на тековни трошоци и со тоа трајно ќе биде загубен реалниот капитал на државата. Ова значи дека нема да оставиме ништо за наредните генерации. Некој пред нас ни остави во наследство вреден и необновлив ресурс, за правилно да го користиме и да обезбедуваме храна и опстанок. Ние немаме право трајно да го оттуѓиме овој ресурс само за нас од денешнава генерација, туку како што се вели дека ресурсите ги позајмуваме од следните генерации на кои мораме да им ги оставиме во наследство. Да им дадеме и нив можност да одлучуваат за правилно користење и одржување и за и тие да го остават на нивните идни генерации.
Изнесов само дел од општите впечатоци и факти зошто треба да се внимава во утврдувањето на моделот за управување со државното земјоделско земјиште. Овој нацрт-закон во најголемиот дел е спротивен на сето она што значи одржливо управување со земјоделското земјиште како добар домаќин, одржување на руралните средини и населението во нив, но и за внимавање за националните интереси на државата во чувањето на земјоделското земјиште како добро од општ интерес.
Затоа уште еднаш на крајот повикувам да се повлече овој Закон. Доколку се сака да се остварат дел од целите на овој закон (патем воопшто не кореспондираат со одредбите во него), како и да се одговори на причините зошто тој треба да биде донесен, ги повикувам надлежните да започнат постапка со која ќе се анализира целокупната легислатива во областа на управувањето со земјоделското земјиште и да отвори демократска расправа за да се постави целосен концепт на земјишната политика. Овој начин на кој е подготовено сегашното решение, а посебно ако се донесе Законот ќе предизвика многу реакции (веќе се започнати), а неговата примена, согласно она што се укажува, но и искуства од други држави ќе предизвика негативни реперкусии.
Веројатно овие мои укажувања нема да се прифатат од надлежните со одговор дека поставувањето на ЕНЕР системот овозможува јавност и можност за доставување предлози. Од претходно искуство со закон од областа на земјоделството (но и од други области), можам да кажам дека воопшто не се наидува на прифаќање на забелешки, дури и кога се научно-стручно аргументирани од значајни авторитети во областа. Затоа се сомневам дека нешто може да се промени. Но чувствував морална обврска да укажам!