ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ГОЦЕ ДА СЕ ЗАЦВРСТАТ ВО СОБРАНИЕТО Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со декларација го брани наследството на великанот

Во декларацијата се тргнува од одредбите на Уставот на Република Македонија, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската република“.

279

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ до Собранието денеска поднесе декларација, која има за цел да го зацврсти темелот за ликот и за делото на Гоце Делчев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека сакаат да добијат поддршка од сите политички партии кои што се парламентарни и вонпарламентарни со една цел да се зацврсте темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.






-Оваа Декларација треба да биде точка на обединување на политичките партии во македонското Собрание. Да покажеме обединетост околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна Република Македонија – истакна на денешната прес-конференција пратеникот Ѓорѓија Сајкоски.

Во декларацијата се тргнува од одредбите на Уставот на Република Македонија, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската република“.

„Констатирајќи го огромното, недвосмислено и широко прифатено значење на ликот и делото на големиот македонски син Ѓорѓи Николов Делчев (1872-1903) во остварувањето на целите на народна епопеја за слобода и независност, ние пратениците на Собранието, со оваа Декларација натамошно го афирмираме наследството, улогата и значењето на оваа, без сомнение централна личност од македонската историја“, порачаа од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа и електронските медиуми, ако се земе в предвид големината на Делчев како идеолог и борец за остварување на целите на македонското ослободително дело, во текот на 2022 година да интегрираат во програмата пригодни содржини со кои ќе се афирмира јубилеј – 150 години од раѓањето на Гоце Делчев.

„Констатирајќи го високо моралниот и демократски карактер на ставовите на Делчев, ја повикуваме државната компанија за поштенски услуги, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да издаде поштенска марка со која ќе се одбележи овој важен јубилеј за македонската држава. Антиципирајќи го вонременското значење на силните заложби на Делчев за соработка и за натпревар помеѓу народите, ги повикуваме Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да организираат соодветни настани и да реализираат соодветни проекти со кои ќе се одбележи 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев – додаваат од редовите на опозициската партија.

Акцентирајќи го длабоко моралниот карактер на ставовите на Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот, го повикуваме Министерството за образование и наука во текот на 2022 година, во согласност со своите надлежности да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја. Согледувајќи ја потребата од постојано препрочитување на најважните поглавја од животниот пат на Делчев, се задолжува Националната установа Музеј на македонската борба, во рамките на своите надлежности и можности, во текот на 2022 година да спроведе соодветни активности и да реализира соодветни проекти со кои ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност, се додава во соопштението од партијата.

Декларацијата ќе се достави до Владата, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите и до Националната установа Музеј на македонската борба.

Оваа декларација од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе се објави и во „Службен весник на Република Македонија“.

Во образложението на декларацијата, се наведува дека „Ѓорѓи Николов Делчев (1872-1903) е една од централните личности која со својот личен пример, достигнувања и заложби остава трајна и неизбрилшлива трага во македонската историја. Имајќи го во предвид споменатото, во контекст на фактот дека во 2022 година се одбележуваат 150 години од раѓањето на овој, без сомнение најголем трибун на македонското револуционерно дело, сметаме дека е особено важно Собранието да донесе декларација со која на еден организиран и достоинствен начин ќе се оддаде почит и натамошно ќе се зацврсти сеќавањето на граѓаните во однос на важноста на делото и на наследството на Делчев.

За таа цел, обзнанувајќи ја нејзината содржина на денот на неговиот роденден, а во духот на демократските вредности кон кои сме силно приврзани, со оваа декларација се предвидува повеќе државни институции, во согласност со своите надлежноси и можности, во текот на 2022 година да преземат активности, односно да реализираат проекти со кои на еден достоинствен начин низ призма на големината и значењето на делото на Делчев, ќе ги афирмираат вонвременските и универзалните вредности на оваа носечка личност во македонската историја“.

Поврзани содржини