Лиферанти на злото

„Госпожа“ Урсула повторно ја доби довербата на европската политика (или „политика“, како сакате). И тоа со целиот нејзин багаж на карикатурална неспособност, на веќе неспорна криминогеност и алчност, при што изгледа дека пресудна била нејзината единствена „доблест“: воинственоста!

1,196

И сега, кога сѐ ќе ставите на куп, особено последните ригидни „политики“ на ЕУ, претседателскиот циркус во САД но и оние 3.9 милијарди долари (од потенцијалните 7.9 милијарди) за вооружување на Украина, како и оние 13.2 милијарди евра од членките на Унијата за истата цел…, станува ли појасно зошто „госпожа“ Урсула повторно ја доби довербата на европската политика (или „политика“, како сакате)?

И тоа со целиот нејзин багаж на карикатурална неспособност, на веќе неспорна криминогеност и алчност, при што изгледа дека пресудна била нејзината единствена „доблест“: воинственоста!






Сега во тандем со уште една „железна“ политикантка која ужива во мирисот на барутот, Естонката Калас, ќе жарат и палат низ ЕУ. Затоа, добро е да се праша: дали и неа, „госпожата“ де, нашиве „мудреци“ ја сметаат за посакувана „европска вредност“? Заедно со нејзиното безобразие како „пратечки вокал“?!

Кога македонската јавност би била малку пообјективно – или барем многу понеутрално – информирана, кога навивачките групации на онаа пропадната политикантска „прогресивна“ секта не би биле така агресивно „наострени“ контра сѐ што значи различно мислење, македонскиот граѓанин веројатно би можел подобро да го согледа денешното официелно лице на Европа – шефицата на ЕУ – проектирано низ нејзиниот нов мандат. Но тоа не ни го овозможуваат дури ни инсталациите на „либералните“ европски медиуми заседнати кај нас, чијашто недобронамерна селективност повторно докажува дека медиумското ѓубре е секаде исто, и кај нас и кај нив.

Без оглед колку јас или кој и да е друг сака да ја препознава Европа поинаку, нејзиното лице (повторно) е токму таа: „госпожа“ Урсула и нејзините нови „комесари“, сосе онаа Калас, се лицето на ова сегашно „семејство“ кон кое стремевме. Или – (сѐ уште) стремиме?! Слепо или не, некој друг треба да каже, ама не онаа полуписмена „прогресивна“ булумента која секој божји ден сомничи каде тоа одиме (како да со оние претходнине знаеа), зошто „гори“ државата (божем со претходнине цутеше), за кого се „коваат“ ордени (што секако е подобра варијанта од „ковањето“ заговори, криминални и коруптивни зделки како бившите), што за нас е лек а што отров и слични будалаштини.

Во сопственото слепило тие би да спорат и со заложбите на македонската претседателка за битка за знаењето наспроти незнаењето, извонредноста наспроти просечноста, креативноста наспроти деструктивноста… како тоа да не се цивилизациски вредности. Ама не спореа со бит-пазарските методи и „политики“ на Заев, Ахмети, Ковачевски… и др.!? Згора на сѐ, се дрзнуваат и да ни наметнуваат „господа“ помеѓу нас, без воопшто и да знаат што означува тој поим!

Но тоа е вечнот македонски пратечки политикантски фолклор во којшто „се вртат“ секакви „ликови“, интереси и (главно сомнителни) влијанија, што пак целено замаглуваат – или го спречуваат? – поставувањето на некои витални прашања. Меѓу нив и она за ЕУ и нејзините вистински „политики“, но и за некои важни македонски „политики“. На пример, кој му дал право на оној Спасовски да врши еклатантно менување (не само) на етничката карта на државата повикувајќи ги Турците со потекло од Македонија масовно да аплицираат за добивање државјанство на Македонија?

И поставете го тоа наспроти масовното иселување на македонското население од државата, на потенцијалниот можен дисбаланс и на религиозната карта на земјата итн.? Па и на актуелните „мигрантски ситуации“ во Европа! Или тоа слепиве македонски „мудреци“ не ги интересира, нели, поважни им се интересите на шѓутрацине од сектата и двоецон без кормилар во сдсм и нивните антидржавни политики?

Затоа е неопходно, меѓу другото, македонскиот граѓанин да ги добива сите суштински информации релевантни за градење на реален однос кон актуелната стварност, ако и колку е можно со вакви македонски и странски медиуми и новинари. А во таа насока особено и запознавањето со многуте лица и маски на оваа и ваква Европа, а првенствено на оние официелните, оние на ЕУ и „госпожа“ Урсула, па и на онаа Калас, но и на онаа Џорџа, па Макрон со неговион јавен „steamy kiss“ со министерката за спорт, или изблиците на соцреалистине Главчев и Радев…, како слика на Европа што овде многумина се трудат од петни жили да ни ја замаглат.

Зашто, кога ја гледате реизбраната претседателка на Европската комисија како разбеснето удира со рачињата по говорницата во стилот на еден дамнешен фирер, кога гледате со каква воинствена жар говори за оружје, пари, воена поддршка и др., не можете а да не се сетите на „пророчката“ реченица на Маршалот Жуков во 1945: „Мы их освободили, и они нам этого никогда не простят“ (Ние ги ослободивме, а тие никогаш нема тоа да ни го простат)!

Но, ќе речете – тоа беше далечно минато. Меѓутоа ни најблиската сегашност не е баш ѕвездена за спомнатата „госпожа“ и нејзините „политики“ во Комисијата. По повод нејзиниот повторен избор, полската европратеничка Ева Зајачковска-Херник ја направи резил среде Европскиот парламент, порачувајќи ѝ дека е време некој в лице да ѝ каже што мнозинството европјани мислат за неа, односно дека таа „треба да оди во затвор“! Но, да не беа социјалните мрежи, македонската јавност немаше да знае за ова.

Како што впрочем не разбра ниту за еден друг скандал со „госпожата“, оној од пред само два-три месеци. Имено, за време на нејзиното обраќање пред неодамнешниот Европски самит за одбрана и безбедност во Брисел, извесен Давид Кронин (уредник на „Електронска Интифада“) се обиде да изврши нејзино „граѓанско апсење“ проследено со зборовите „Вие сте криминалец госпоѓо фон дер Лајен!“ и „Крвта на Палестинските деца е на вашите раце“. А таа, со навлечена вештачка и видливо потценувачка маска на лицето, трепкаше со очињата и ги креваше веѓите чудејќи се од каде дојде и што говори човекот. Можеби првпат слушнала за Палестина? Како да не. И дали така ќе трепка – таа и новиот состав на Европската комисија, заедно со онаа Калас – и ќе се прават наудрени и кога некој друг ќе треба да гине за (наводните) европски интереси?

Просто е неверојатно кому, и зошто, таа толку прираснала за срце па буквално ја честат со втор мандат. На Шолц, на Макрон…, на генералските орди… кому? Зашто пред само две години, полскиот премиер Моравиецки го окарактеризира како „скандалозен“ нејзиниот коментар дека Унијата има „средства“ да се справи со земјите членки доколку „нештата тргнат во непосакувана насока“. Моравиецки по тој повод праша: „Ова ли е таа Европа што ја сакаме?“. Но не праша кои се тие „нешта“ што можат да тргнат во „непосакувана насока“?

На пример, дали е тоа баш „случајот“ со Унгарија, која „запнала“ за некакво мировно решение во Украина? Или „самоволното“ патување на Орбан во својство на претседавач во Москва и Пекинг и хистеричните напади на „госпожата“ која оди дотаму што бара модус на Унгарија да ѝ се одземе претседателствувањето со Унијата? Или е тоа „непослушната“ Македонија која одбива да се самопонижи со прифаќање на онаква „преговарачка“ рамка со ЕУ?

Следствено, нешто сериозно лошо се случува во Европа. Нешто гнило повторно се обидува да излезе на површината носено од мрачни воено-профитерски сили. Како да им беа малку војните во дваесеттиот век, па сакаат да го „зацрвенат“ и новиот милениум. И, се разбира, причина за тоа секогаш ќе се најде. Овојпат тоа е, се разбира, Русија. Затоа, кога го слушате Орбан дека некој во ЕУ упорно тропа со оружјето а „машиновозачот е одамна луд“, работите стануваат појасни, нели. Но, на истиот „машиновозач“ повторно му ја дале локомотивата! За жал, и кај нас такви „машиновозачи“ има едно чудо, силеџии вљубени во НАТО и ЕУ кои би направиле сѐ да им се додворат на газдите, па и да ја вовлечат Македонија во валкани непосакувани ситуации. Коишто де факто воопшто не ја засегаат.

И целата нова европска политика започнува да се темели на нови „хоризонти“ – оние воинствените, во Стратешката агенда зацртани како „зголемена ефикасност на европската одбрана“. Што подразбира многу нешта. Дури и грди. И сѐ друго станува второстепено: и демократските вредности, и владеењето на правото (впрочем, кое „право“ повторно ја избра „госпожата“?), и проширувањето итн. Сега форсирано се прима Украина (а потоа дури и Молдавија!) и во ЕУ и во НАТО и за неа/нив не важат никакви правила и стандарди. Опојниот мирис на брзите воени профити и „геостратегијата“ како нова форма на Лениновиот империјализам (стар повеќе од еден век!) ги дразнат бриселските „блудни“ кариеристи, бирократи и технократи. Како впрочем и онаа генералска олигархиска машинерија во НАТО, сосе новоизбранион Руте – пандан на „госпожа“ Урсула! – како осведочен мразач на сѐ што доаѓа вон тесноумната срцевина на европски простор.

И тие ќе бидат срцевината на воената европска машинерија, главните лиферанти на злото во подготовка. Она што за нас како јавност е и понатаму непознато, барем засега, е што и како мисли новата власт за овие прашања. Но ќе мора да се ијзасни. Многу бргу. Еднакво бргу ќе почнат и нови притисоци од воинствено набилданите еврокомесари и НАТО апаратчици. Дали е среќна околност што од претседателското место конечно е изгонет оној полициско-послушнички менталитет? Веројатно. Впрочем, жените никогаш не биле приврзеници на војната. Освен некои пробисветки, се разбира, како спомнатине погоре.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини