ЛИДЛ ЌЕ ГИ ИЗВЕЗУВА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ Земјоделците добиваат можност за извоз вреден десетици милиони евра

На работен состанок организиран од Министерството за земјоделство и Лидл, беше најавена поголема соработка со македонските производители, со фокус на квалитет, меѓународни стандарди и зголемување на извозот на европските пазари.

76

Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и компанијата Лидл, денеска се одржа работен состанок со македонски производители на земјоделски производи. На настанот присуствуваа кооперанти и претставници на МАЗЗ – Македонската асоцијација на земјоделски задруги, МЗЗ – Мрежа на земјоделски задруги – и МАП – Македонска асоцијација на преработувачи. Фокусот на состанокот беше ставен на квалитетот, критериумите за избор на партнери и принципите според кои Лидл развива свои приватни марки, како и извозните потенцијали преку продажната мрежа на Лидл.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, соработката со Лидл може да биде мост за поголем пласман и промоција на македонските земјоделски производи и преработки.






– Потребно е зеднички да работиме и како министерство и како земјоделци за поголемо исполнување на одредени стандарди во производството бидејќи само така можат што повеќе македонски земјоделски производи да пристигнат на пазарите не само во регионот, туку и пошироко – истакна Трипуновски.

Претставниците на Лидл истакнаа дека компанијата работи исклучиво со партнери кои можат да обезбедат количини на овошје и зеленчук, усогласени со највисоките меѓународни стандарди. Како основни предуслови за соработка беа нагласени: „GLOBALG.A.P.“ – стандард за добра земјоделска пракса кој овозможува доверба и пристап до нови пазари, „GRASP“ – модул кој ја проверува социјалната одговорност и заштитата на работниците, како и „IFS“ – глобален стандард кој гарантира безбедност и квалитет на храната и оптимизација на производствените процеси.

– Квалитетот е темелот на нашата работа и главниот критериум при изборот на партнери за приватните марки на Лидл. Преку соработката со локалните производители ние сакаме да изградиме долгорочни односи базирани на доверба, стандарди и транспарентност, а потрошувачите да бидат сигурни дека секој производ на нашите полици е безбеден, свеж и со проверен квалитет – изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.

Дополнителните критериуми за работа со Лидл вклучуваат испорака во ладилници на строго дефинирани температури, соодветна амбалажа, пакување и палетизација, како и редовни анализи на резидуи од пестициди во акредитирани лаборатории. Целта е да се обезбеди континуитет и сигурност во квалитетот на понудата.

Во 2024 година, извозот на македонски производи преку мрежата на Лидл во соседните земји изнесуваше околу 5 милиони евра, а за 2025 година тој износ се очекува двојно да се зголеми. Со овој настан, Лидл уште еднаш ја потврди својата заложба да ги поддржи македонските земјоделци во процесот на модернизација, сертификација и развој на конкурентни производи кои ќе бидат препознаени на европскиот пазар

Поврзани содржини