Лидерска средба
Мораме сами да ја формулираме македонската платформа за решавање на нашите проблеми. Немаме услови да ја очекуваме однадвор, како Тиранската. Без тоа, ќе продолжиме да се движиме прудолу, како до сега.
Средбата донесе доста изненадувања, ама без договор. Ништо не се разјасни бидејќи разликите се многу длабоки и речиси непремостливи. Тоа е равенка со многу непознати.
Прво, средбата беше премногу задоцнета.
Второ, таа му требаше пред сѐ на премиерот. Власта влета во катастрофални меѓународни обврски, коишто не може да ги реализира. За да не се срами пред светот, мораше да бара помош од опозицијата, којашто до тогаш целосно ја игнорираше. Тоа мораше да го стори многу порано. Во таков случај, сигурно ќе беа спречени добар дел од понижувањата на кои власта, на крајно неодговорен и безобразен начин – ја изложи државата. Барем делумно, ќе беше амортизиран жестокиот притисок, на којшто бевме изложени од нашите „стратегиски партнери“ – за да се откажеме од самите себе.
Трето, и опозицијата имаше ќар од средбата. Беше паметно што ја прифатија и што излегоа со свои предлози, коишто имаат логика, ама ништо повеќе од тоа. Имаа добри причини и да ја игнорираат. Предлозите се неприфатливи за власта, ама тоа е нивни проблем. Сепак, тие не се доволни за целосно излегување од калта, во која е доведена државата.
Четврто, неуспехот на уставните промени, ќе беше повод за исклучително жесток напад врз опозицијата, од сите домашни трабанти, максимално мобилизирани по тој повод, ама и од Вашингтон, Брисел, Парис, Берлин… Странците ќе се натпреваруваа кој ќе биде поостер бидејќи нивните интереси би биле доведени во прашање. За Македонија и Македонците, тие никогаш не давале пет пари, ниту некогаш ќе даваат. За нив, ние сме класична монета за поткусурување.
Петто, по завршување на скринингот, при крајот на годината, без уставните промени, опозицијата би била третирана како кочничар на ЕУ перспективите на земјата. Целото сценарио, во кое Бугарија има улога на статист, беше токму така и замислено. Од Брисел, блокадата да се префрли на домашен терен, со крајно негативно експонирање на опозицијата којашто е, нели, „националистичка“, бидејќи ги брани македонските интереси.
Планирано е мобилизирање на народот, што ќе предизвикаше сериозни последици за опозицијата, чиишто рејтинг ќе беше погоден. Со предлозите, опозицијата ќе избегне барем сатанизирање како кочничар.
Шесто, во услови кога ништо не испорачува, а во државата ништо не функционира, власта лаже и манипулира со некакво брзо членство во ЕУ. Тоа им е единствениот опиум за масите. Моментално, ЕУ нема никаква намера да се проширува и тоа ќе трае можеби и 10 години. Македонија, пак, и утре да ги започне преговорите, нема да стане членка за додатни 15, 20, 25… години. Можеби и никогаш.
Седмо, иако на средбата имаше предлози надвор од досегашните приказни, остана длабоката закопаност во претходните позиции. Засега, ништо не е променето а, објективно, нема многу простор за компромис. Власта се обидува да го манипулира народот, со измислици против опозицијата – што прифатила, а што не.
Осмо, во целата оваа турлитава, сигурно се вмешани и странците, иако нема индикатори која е и каква нивната конкретна улога. Калето не се изјасни јавно. Ја знаеме само нивната решителност да ни го променат Уставот и во него, по секоја цена, да ги внесат Бугарите, што неизбежно води во бугаризација на Македонците. Оваа нивна агресивност е нов доказ дека целата операција не е воопшто наивна, дека доаѓа од Вашингтон, а не од Софија.
Деветто, Бујар Османи, веднаш ни потврди дека улогата на странците е важна. Се тврди дека изјавата ја дал додека се одржувале прес конференциите, по средбата. Рече дека ДУИ се спремни (некое време) да бидат надвор од Владата, само за да се овозможи опозицијата да гласа за промена на Уставот. Таков став не се гради на брзина. Бујар ни откри дека процесот е менаџиран. Кај нас, тоа може да го спроведува само Вашингтон. Очигледно, ДУИ бил во тек, и консултиран.
Десетто, по логиката на нештата, на сцената треба сега да се појават правите менаџери на процесот и да започнат барање на компромис. Кај нас секогаш било така. Никогаш и ништо не сме решавале сами за себе. И до, и по Пржино.
Единаесетто, опозицијата е во право дека во преговарачката рамка не е прецизирано кога и како треба да се завршат уставните промени. Ве неа, меѓутоа, Брисел повикува на реализација не само на договорите од Нивици и за (не)пријателство со Бугарија, во што има и некаква логика, туку и на двата катастрофални протоколи, што е невидена бесмислица и злоупотреба од страна на Унијата (Франција).
Протоколите се обични записници од македонско – бугарските средби и такво нешто да ставиш во преговарачка рамка е навистина надвор од умот. Меѓутоа, и за тоа сме самите виновни. Прифативме така да биде. Се разбира не доброволно, ама тоа не е никакво оправдување а уште помалку утеха. Во вториот протокол сме се обврзале дека уставните промени ќе ги завршиме пред втората меѓувладина конференција. Бугарија нема да прифати никаква промена на таа преземена обврска, а Брисел ќе инсистира на тоа.
Дванаесетто, во сите овие размислувања, мора да бидеме свесни дека што и да преземеме, ако не одиме на слепо менување на Уставот што, да се надеваме, нема да биде дозволено од опозицијата, ќе мора да се менува преговарачката рамка. Дел од причините се елаборирани.
За нас е поволен фактот дека, официјално, не сме ја прифатиле преговарачката рамка. Неспорно е дека нашите политички аматери дале согласност за истата (по договорот Ковачевски – Петков) ама нејзиното формално прифаќање треба да биде на втората меѓувладина конференција.
Тоа значи дека на само што треба и може туку и нема формална пречка да бараме нејзино преформулирање. Причини за тоа има повеќе. Главен аргумент е неможноста да се обезбеди мнозинство со Собранието, бидејќи народот е против. Не треба ништо повеќе.
Има и други силни аргументи коишто може и треба да се користат. На пример, дека сегашната преговарачка рамка е целосно надвор од Копенхашките критериуми; дека е спротивна на основните вредности на Унијата (да се уценува суверена држава да менува свој устав); дека историјата не може да биде предмет на преговорите… Сѐ се може, ако се сака.
Тринаесетто, ништо во светот и векот не е непроменливо. Неодамна, Унијата ја модификуваше преговарачката рамка на Србија. Впрочем, и да ја имавме официјално прифатено преговарачката рамка, никој не може да го негира правото на премислување; на додатни процени за штетноста на нешто; на понижувачките елементи од наметнатите решенија; одбивањето на народот да прифати такви решенија и слично. Американскиот претседател Линколн има речено дека ништо не е конечно решено доколку не е коректно решено.
Четиринаесетто, добро е што е воспоставен некаков контакт меѓу двете најголеми македонски политички партии. Меѓусебното игнорирање беше секогаш на сметка на македонскиот народ. Крајно време е македонските политички лидери да сфатат во какво дереџе е доведена државата. Да ја согледаат суровата реалност дека земјата забрзано се албанизира и по многу што е веќе федерализирана, додека промената на уставот води директно во бугаризација.
Петнаесетто, барањата на Софија, коишто се клучен интерес на Вашингтон, поданички поддржан од Брисел, не се воопшто наивни. Нивната крајна цел, е дефинитивно затворање на „Македонското прашање“, со бришење на Македонците. Ако го разберат ова, коешто се гледа веќе и со голо око, нашите политички лидери, мора да бидат алармирани, да го загубат сонот, и под итно да преземат ригорозни чекори за промена на процесот. Додека не е предоцна.
Шестнаесетто, за да не биде предоцна, неопходно е лидерите на двете најголеми македонски партии да сфатат дека излез од тунелот мора да се бара преку радикални промени, а не преку шминкање на трагичните состојби во коишто е доведена државата. Такви се сите предлози дадени на лидерската средба. Единствено решение, и излез, е откажување на договорот за (не)пријателство во Бугарија и двата предавнички протоколи што, само по себе, ќе ја направи и преговарачката рамка неупотреблива. Потоа, ќе може да се размислува во втората фаза – ревизија на Нивици. За да преживеат Македонците, мора да се почне од почеток.
Седумнаесетто, без таков, целосен пресврт во односите со Бугарија, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Формално, тоа нема да и го дозволат Софија и Атина, а во суштина – Вашингтон, и тоа откако претходно, во преговорите за членство, целосно ќе го избришат македонизмот. Така диктираат нивните интереси. Ако влеземе во Унијата, како Македонци, ние ќе можеме веднаш да започнеме процедура за враќање на името на државата, а тоа значи и идентитетот на македонскиот народ. Како дел од Унијата, ќе ги обединиме и трите дела на Македонија, што е за некои неприфатливо.
Осумнаесетто, мора да има договор меѓу македонските партии, ако сакаме да излеземе од тунелот. Тој треба да се концентрира на суштинските прашања сврзани со опстанокот на македонскиот народ. Мораме сами да ја формулираме македонската платформа за решавање на нашите проблеми. Немаме услови да ја очекуваме однадвор, како Тиранската. Без тоа, ќе продолжиме да се движиме прудолу, како до сега.