„Лидери“ во пелени

1,527

Ни мене не може да ме заобиколи општата „зараза“ со замајувањата со „обновата“ на сдсм (малите букви се реален одраз на нивното значење во македонската политика денес) преку „изборот“ на ново раководство. Но не поради фантазиите за некакво нивно реално значење во овој политички миг на државава. Напротив: токму поради спротивното односно поради циркусот што очигледно се подготвува, поради мизансценост околу таа (денес веќе) ГГ фирма, но и поради ликовите што веќе се (само)кандидираат и шират магла низ јавниот простор. И оние за кои допрва ќе слушнеме.

Се разбира и (повторно) поради онаа незаборавна слика од конститутивната седница на новото Собрание, со целото (сѐ уште) актуелно раководство на „фирмата“, удобно сместени на нов „проевропски“ платен список, сите кој од кој, тутурутка до тутурутка, слика без тон…, што всушност беше нивен заштитен знак и кога беа на власт. Зашто – најпаметни беа кога молчеа. А одмолчеа – речиси сѐ! Можете да замислите премиер (или „премиер“, подобро речено) во целиот мандат да не го изговори зборот – култура?






Таму пак кадешто отворија уста – покажаа колку се неуки. И неспособни. Како министерката за култура! Или онаа за лошо владеење, па онаа за одбрана, па за труд и социјала или оној за земјоделие… Неверојатна збирштина од простотија и незнаење, од ароганција и глупост.

Затоа, оние нивни сопартијци-критизери кои на овој нивен молк во Собранието гледаат како на негативна појава, не им се пријатели. Ги местат повторно да се глупираат говорејќи за работи што не ги разбираат. Зашто, подобро да молчат и понатаму, ако можат и цели четири години, бидејќи секој нивен збор ќе биде чиста деструкција за остатоците на нивната партија. Колку и да се мали! А оние кои сериозно мислат дека ќе ни недостасува нивниот глас – се лажат.

Како што воопшто нема да ни недостасува ни гласот на нивната партија. Да, ова може да звучи и како желба за целосно распуштање на остатоците на таа „фирма“, но не е. Тоа е само реалност бидејќи нив, сега, ни Роналдо и Меси заедно не можат да им помогнат! Особено имајќи ги предвид овие кои уште пред стартот се самокандидираат. За да фатат место, што ли?

Затоа и велам: самораспуштањето на оваа „фирма“ и започнување од почеток – или припојување со ЗНАМ, можеби? – е подобро решение од тотален резил што би настапил со некој од овие како ново раководство. Тој срам во политиката не поминува така бргу.

Зошто го велам ова? И, се разбира, не го велам ова имајќи го на ум само сдсм, туку целиот блок губитнички партии на овие избори, сосе дуи, секако. А особено онаа лдп (малите букви се… веќе знаете што), или нсдп, зашто да влеташ во предизборна коалиција со сдсм после овие катастрофални седум години треба да си слеп. И многу глуп! Но, впрочем, спомнативе сегашни коалициски партнери на сдсм и не се политички партии туку приколици влечени од истата односно слична квазипартија што вака катастрофално ги загуби изборите.

Анализите за тоа зошто и како успеаја тоа да го постигнат ќе бидат предмет понатаму, иако и тука речиси сѐ е јасно. Изборите почнаа да се губат веќе во 2018 односно 2019 година, кога беше јасно дека неспособното раководство не само што не може односно не умее нешто да направи од ветуваните реформи, туку и – не сака. Или обратно.

Следствено, што навистина можат да понудат овие неколкумина самокандидирани вљубеници во расклатениот престол на сдсм? Поточно, што друго можат да понудат освен оној циркус што го гледавме во изминативе седум-осум години? Зашто, ако имаа нешто друго да кажат, или направат, зошто не го кажаа или направија? Некој им пречеше? И кој? Сега е мигот и тоа да го кажат. Ама нема, бидејќи им пречело само личното полтронство и желбата за власт. Ништо друго.

Тие, имено, цели седум години беа/се во самите врвови на партијата, гледаа(т), слушаа(т) и (ин)директно учествуваа(т) во сите криминали и коруптивни зделки, во сите недугави политики на сдсм и коалицијата…, и со ништо не покажаа дека не се согласуваат. А можеа, се разбира.

Но, јавноста веќе сега – уште еднаш – може да им го измери капацитетот преку првичните непромислени изјави. Меѓу нив, едниот се фали дека „бил дел од сите клучни процеси во партијата“ (што во овој миг е еднакво на политичко самоубиство), другиот признава дека „Во голема мера политиките и агендата не беа секогаш наши“ (што сериозен политичар не би го изговорил ни во сон!) итн.

Или, ако баш сакате, овие недозреани изданоци на „политиките“ на сдсм се ништо друго туку соучесници во сите политички злосторства на нивната партија во изминативе години.

Уште посмешна, или трагична, е онаа најнова собиранка на оние „capo di tutti capi“ во изминативе две децении – Бучковски, Шеќеринска, Заев и Ковачевски – кои сега треба да дадат ум како понатаму. Речиси е неверојатно каков ум може да даде некој што го нема односно чијшто ум го гледавме на дело – или на недело! – во изминативе години?

И сето ова говори за страотната несериозност на сегашното (и бившото!) раководство на оваа „партија“ и на самокандидираните аспиранти, од што, на крајот, ќе доживеат нова катастрофа. Но и тое е дел од растењето на луѓето и партиите зашто сите спомнати се однесуваат – а некои реално се – како детска градинка во политиката кадешто се избира „лидер“ во пелени.

Бидејќи (не само) на сдсм туку и на речиси сите партии во државава им треба не само ново раководство туку – особено на сдсм – нов дух што ќе ги исфрли надвор простотијата и провинцискиот менталитет, им треба нов ментален склоп а не самопрогласени „прогресивци“ кои не умеат да се однесуваат на улица, не влегле во музеј или библиотека, не прочитале две книги а турбо фолкот им тече во вените наместо крв.

Се разбира, тоа е процес, но од некаде/некого треба да се започне. Од самопредложениве – нема, не може, зашто тие не се таков материјал. Не знам дали во сегашново сдсм можат да се најдат соодветни луѓе за таа историска намена, но, конечно, зошто да не биде и некој вон партијата?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини