Оваа реакција може да се смета и како задоцнета ама – не е. Во прашање е тема којашто за нас е исклучително важна, а актуелна ќе биде уште долго. Затоа, заслужува секојдневно внимание. Се’ додека не се избришат историските последици произлезени од Нивици, а коишто се по многу што – трагични по нашата Македонија.
На 8 јуни 2024, „Слободен печат“ објави разговор со Виктор Габер. Насловот е негова порака – „Преспанскиот договор треба да се почитува без оглед дали некому му се бендисува“. Новинарот го цитира и дека – „Непочитувањето на договорот те става на меѓународната сцена како еден несериозен фактор“, „Во меѓународните односи правило е дека секој договор треба да се почитува“, „Тоа особено се однесува на ратификувани договори од земјите што го потпишале и е депониран во ООН, што значи дека е валиден…“…
Кога е во прашање Нивици, сите овие пораки се надвор од умот бидејќи, со наша идиотска согласност, беше бесмислено прекрстен македонскиот народ и така избришан од меѓународната листа на народи. Правило е меѓународните договори да се почитуваат, ама и да се поништуваат тие што се неправедни, наметнати со сила и уцена и, особено, ако се еднострани. Нивици, пак, е класичен таков случај, од кој треба да се срамат и Вашингтон, и Брисел, и Берлин…, коишто ни го наметнаа, а не само нашите предавници.
Без личен интерес, незамисливо ќе беше овие работи да ги промовира дипломат со долга кариера, каква што има Габер.
Прво, крајно неприфатливо и неодговорно е да се тврди дека договорот од Нивици треба да се почитува, а без да се даде барем еден факт зошто? Второ, за сите што и малку се разбираат, очигледно е дека, со Нивици, Македонија не доби апсолутно ништо, а жртвуваше – се’. Трето, членството во НАТО ни донесе само зголемени трошоци за одбрана и, крајно непотребно, нѐ вклучи во војната во Украина. Спротивно на фундаменталните интереси на македонскиот народ и држава, зазедовме страна во војната. Четврто, нашето членство во НАТО, беше евидентен и итен американски интерес – за да го затворат нашиот простор, од евентуално руско влијание.
Петто, тоа беше наша исклучителна можност, за позитивен договор а ние, во Нивици, го урнисавме македонскиот народ, со асиметричен договор, целосно во полза на Грција, и на наша трајна штета. Шесто, и не најмалку важно, поминаа цели пет години од стапување во сила на Нивици, а Атина нема ништо спроведено, и од нејзините минимални обврски. И, како што најавува, нема ниту намера тоа да го стори… Премногу е евидентно дека таа ќе продолжи да нѐ уценува, се’ додека од меѓународната сцена целосно не се избрише нашиот македонизам и се замени со грчкиот којшто е измислен.
На неодамнешната „научна“ конференција во Атина (јули, 2024), организирана од Ципрас и Заев, првиот изјави дека, доколку не беше Македонија прекрстена во Нивици, неизбежно ќе следуваше нејзин прием во НАТО – со уставното име. А тоа ќе значеше и крај на обидите за прекрстување. Ќе бевме внатре. Ципрас е апсолутно во право, само што кај нас немаше кој на време да го разбере тоа.
Практично, Ципрас си ја зеде заслугата што Грција, во последен момент, успеа да нѐ прекрсти! Во Нивици, Македонците беа избришани како посебен народ и, со наша согласност, Грција посвои се’ што е македонско. Од античкиот бренд, до современиот македонскиот национален идентитет.
Сега, во целина, од антиката до денес, македонизмот е сведен на Грците по род, по потекло од нивниот дел од регионот Македонија. Во пракса, такво нешто воопшто нема. Нема Грци коишто се чувствуваат како „Македонци“, ниту регионално. Таквите се измислени на почетокот на 1990-тите, кога Атина го отвори проблемот со нашето име, и се потврдени во Нивици, во согласност со нашите тогашни предавници.
Мора да се признае дека Атина, како и по неа Софија, не се сами. Зад нив стојат долгорочните американски интереси коишто, по распадот на Југославија филигрански се спроведуваат. Во нив, нема место за Македонците по род.
Габер блефира и околу меѓудржавните договори. Обврската сите да се депонираат во ООН е општа и само техничка. Тоа, меѓутоа, не е никаква гаранција за нивната трајност. Така се овозможува сите заинтересирани држави да имаат увид во нив. Тие можат да се менуваат, за што има дури и посебни формулари во ООН, или да се откажуваат. Во принцип, штетните договори, каков што е овој од Нивици – воопшто и не се валидни! Плус, овој е и крајно асиметричен, и предвидува последици коишто се надвор од меѓународното право, и се спротивни на неговите основни постулати. Договорите, како овој од Нивици, можат да се поништат и само со цитирање на членови од Виенската конвенција за меѓународни договори.
Запрепастува фактот што еден дипломат поддржува договор којшто очигледно, и по сите елементи, е штетен за сопствената земја. Таквите договори мораат да се откажуваат или, барем да се игнорираат. Сакале ние или не, ама ставот на Габер, по автоматизам и неизбежно, се доведува во врска со неговите лични интереси.
Тој е шеф на македонскиот дел од „Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања“, формиран според договорот. Комитетот постои веќе пет години и никој нема поим дали нешто и што сработил… Единствено, јавноста знае дека членовите земаат редовни, високи месечни надоместоци.
Според член 8, став 5, од договорот од Нивици, задача на Комитетот е да – „го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди“… „Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали…“. Катастрофа, што друго?
Комитетот на Габер има и обврска – „редовно да се состанува а НАЈМАЛКУ два пати годишно и да поднесува ГОДИШЕН извештај за своите активности како и препораки, кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво…“. Сите знаеме дека сите овие години нема ниту редовни состаноци, ниту Совет за соработка… Нема ништо.
Веројатно затоа, според Габер, договорот – треба да трае вечно.
Комитетот очигледно мирува, секако по диктат на Атина. Ние, нели – во ништо не се мешаме, дури ниту во нашите внатрешни работи. Откако Атина бескрупулозно нѐ прекрсти, воопшто не е заинтересирана за ништо друго од договорот. Откако успеаја да го избришат македонизмот, а со тоа и Македонците како посебен народ, откако им потпишавме дека за светот се тие Македонци, а не ние… тие си тераат по свое.
Не ги интересира и комитетот на Габер, за историски, археолошки и образовни прашања бидејќи, откако во Нивици „докажаа“ дека НЕМА МАКЕДОНЦИ, сите проблеми од овој корпус за нив се затворени.
Исто така, не им треба никаков договор ниту за трговските брендови, марки и симболи, бидејќи сите си ги присвоија… а нас никаде нѐ нема. И „меѓународната група на експерти“, којашто требаше да се формира за таа намена, и својата мисија да ја заврши до 2022, никаде не се спомна! Се чини, нашиот дел и од таа „меѓународна група“, се’ уште постои, ништо не работи и – си молчи. За утеха, веројатно, добро наплатуваат за тоа. Ако е така, а се чини, и членовите на групата сигурно се силни поддржувачи на Нивици!
Нашите членови на овие две тела, очигледно за да не ги „нарушат“ односите меѓу двете земји – не брануваат. Секој месец, тивко, се тешат за својата пожртвуваност!
Многу пати е потврдено правилото дека меѓународните договори се почитуваат се’ додека се во интерес на потписниците. Кога не е така, тие се репреговараат, ревидираат или – откажуваат. Речиси во сите договори има и такви клаузули. Ако нема, се откажуваат со дипломатска нота.
Нема трајни меѓународни договори. Францускиот претседател, Де Гол, рекол дека тие се како младите моми и розите – траат додека траат. Потврда за тоа имаме и од единствената суперсила. Последните години, Вашингтон се повлече – од договорот за климата, потпишан во Париз, на светски самит, од договорот за нуклеарната програма на Иран, од Транспацифичкиот договор на 12 држави за трговија, ТПП… Првите два договора беа од најширок светски интерес.
Според Габер, САД се несериозен меѓународен фактор!
Ристо Никовски
Јули, 2024