ЛИЦЕНЦА НЕМА ДА СЕ ИЗДАВА БЕЗ ПОТВРДА ЗА МИНИМУМ ТЕХНИЧКИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА Се подготвуваат измени на Законот за угостителска дејност

Главен збор во проверката на минималните технички услови за работа ќе има државниот пазарен инспекторат.

1,426

Министерството за економија работи на измени на законот за угостителска дејност со кои ќе се овозможи проверка на исполнувањето на минимум технички услови за работа пред давање на лиценцата. Оваа обврска Министерството ја добило на владината седница на 18 март, информира денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

– Овие измени ќе обезбедат проверка на минималните технички услови да се изврши пред издавањето на лиценца за угостителска дејност. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови пред да биде доставена како пропратен документ на барањето  за добивање лиценца ќе треба да има обезбедено потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат – рече Дурмиши.






Тој рече дека и вредноста на казните ќе се зголемат.

– Немаме точни висини на казната, но ќе се вратат казните од пред измените и тие ќе бидат многу високи – рече Дурмиши.

Новите измени предвидуваат и забрана за работа по одземање на лиценците, ако се утврди дека оние кои ги поседуваат не ги  почитуваат законските одредби.

Дурмиши рече дека според она што е досега утврдено вкупно 116 вонредни надзори има по овој закон. Приверемана забрана има за 10 правни субјекти. Вкупно 15 активни лиценци не ги исполнувале условите. Кај 6 правни субјекти им е истечена лиценцата и имаат забрана за работа, има изречени и 60 платни налози.

Дурмиши прочита делови од законот за угостителска дејност кои се однесуваат на обврските на Министерството за економија во однос на издавањето на лиценца.

Притоа рече дека Министерството за економија нема надлежност за проверка на угостителските објекти на кои им е истечена лиценцата, ниту пак, има надлежност да врши надзор на исполнувањето на минималните технички услови за работа од страна на угостителите кои поднесуваат барање за издавање лиценца.

Дурмиши не знаеше колку лиценци за кабаре се издадени од неговото назначување досега, но рече дека активни се 24 лиценци од кои 18 се за кабаре.

Поврзани содржини