Лицемерна лакрдија
Дали фактот што новата власт така комфорно и без никаква задршка се вдоми во стиропорноно здание на „Илинденска“ – истото она кое што го нарекуваше срцето на злото и по кое стрелаше со канонади боја – не беше доволен знак дека нешто не е в ред? Беше, и не само тој туку и редица други потоа. Се покажа дека новото лицемерие е барем еднакво на старото, ако не и поголемо и пострашно. Па ене ви го „Скопје 2014“ – живо, здраво и долговечно среде „метрополата“! Малку ли ви е? Има ли поголемо лицемерие од него?!
Актуелниве „прогресивни“ простаци можат да отворат уште едно бугарско шампањско и да ги честат своите верни поданици пред карикатурана на Плоштад Македонија викана „Воин на коњ“: им успеа да застарат уште еден криминал од омиленото им „Скопје 2014“, оној викан „Тендер“, со што квалитетно ја зголемуваат збирката на простени кривични дела поврзани со истиот „проект“. „Вреден“ цели 800 милиони евра, а фактички невреден ни пет пари! Страотен кич и неукост, антиуметност и квазиестетика, архитектонско-урбанистички масакр на централното градско подрачје…, сега сочуван „за вечност“ од „социјалдемократски“ провинцијалци заседнати на сите важни државни позиции во возљубениот им „барок“, како во организиран фронт за одбрана на криминалот. Оној истиот против кој се „бунтуваа“ во 2016 година!
Има ли уште дилеми дека овие воопшто и немаа намера да се занимаваат со такви „прозаични“ нешта како демократски реформи, расчистување со криминалот, па и оној на „Скопје 2014“, или планот од самиот почеток беше сѐ да се „пушти низ вода“ и да се бркаат личните и групните интереси? И да се вадат од фиока поголемите криминални случаи што потоа ќе се користат како уцена за партиско-политички цели? За глас во Собранието, на пример?
Но, некој, некогаш, ќе напише веродостојна верзија на киднапирањето на народниот гнев, на бескрупулозната инфилтрација на Шеќеринска, Заев и нивната партиска и нво криминогена компанија во надежта на македонскиот народ и окупацијата на државата во името на некаква нивна – а згора и наша! – „демократија“, Каква црна демократија, тие не го знаат ни значењето на зборот, не пак неговата секојдневна примена!
Но тоа не е нивен проблем, тие го добиваат заслужениот одговор од нивното гласачко тело, а конечниот суд ќе го видат набргу. Велам, не е нивен проблем зашто ние, не тие, се покажавме наивно стадо подготвено за стрижење, бричење, колење… – you name it – дури и при вакво вчерашно/денешно незамисливо и најбезобразно заобиколување на сите криминали и криминалци од претходната „заробена држава“, а во интерес на нивните џебови и сегашните хибридизирани држава и народ!
Затоа, и последнава лицемерна лакрдија со некакви застарувања на криминалите, како впрочем и целата редица претходни (дури и пострашни) затворања на очите во интерес на останувањето на власт, не се некоја новост. Сиве години слепциве ги потрошија на крадење, прикривање на туѓите кражби и агитацијата за некаква ЕУ којашто – се надеваат – повторно ќе им го овозможи овој лагоден живот. А така може и да биде ако стадото и понатаму блее и чепка тревки низ ливадите на земјава додека бандитиве ја ограбуваат!
Целиот овој период на „прогресивно“ разнебитување на државата може, од оваа дистанца, да се оквалификува како лицемерна лакрдија наметната од група неспособни простачки но сепак добро обучени криминалци камуфлирани во политичари и политички партии, со директна поддршка од „стратешките партнери“. Цели осум години ни сервираат провинциски театар на апсурдот со лакрдиски едночинки како и оваа последнава со „застарувањето“. И секоја едночинка е по ист терк, со исти главни актери и режисер…, а клиентелата – им ракоплеска. Не можеме веќе да им ги доброиме, се нижат една по друга врз образот на земјава и народов кои од нив очекуваа спас. Е па – го добив(а)ме! Само што не знаеме што попрво со него. Не сме можеле ни да претпоставиме како и колку една власт може да ја претвори политиката во оружје против државата и луѓето во неа, како општеството може да го трансформира во континуиран сплет од злосторничко уништување на сите вредности со лицемерно оправдување дека сето тоа се прави за доброто на народот и интеграцијата на земјата во ЕУ.
Можевме ли да претпоставиме дека ова ќе ни се случува? Моравме, не само што можевме, но можеби не можевме односно не сакавме да веруваме дека злоупотребата на народната поддршка може да добие такви монструозни димензии. Дали фактот што новата власт така комфорно и без никаква задршка се вдоми во стиропорноно здание на „Илинденска“ – истото она кое што го нарекуваше срцето на злото и по кое стрелаше со канонади боја – не беше доволен знак дека нешто не е в ред? Беше, и не само тој туку и редица други потоа. Се покажа дека новото лицемерие е барем еднакво на старото, ако не и поголемо и пострашно. Па ене ви го „Скопје 2014“ – живо, здраво и долговечно среде „метрополата“! Малку ли ви е? Има ли поголемо лицемерие од него?!
Сѐ што наследија како криминал – продолжија и надградија; сѐ што научија како лоша пракса – унапредија во полоша. Си ги покачија платите за 78%, ама сега направија лицемерна претстава со „замрзнувањето“ на новите 15%; нивен потпретседател (и „архитект“!) обвинува за рушење на Скопскиот саем како божем тоа да го сториле некакви „мали зелени“ а не неговата партија, но патем не го гледа оној „архитектонски“ циркус среде Скопје; самите, најлицемерно, на само три месеци пред избори, си го поништуваат некогашното законско решение за забрана на државно рекламирање во медиумите, за коешто сега ќе потрошат над десет милиони евра…!
Речиси цели осум години ни сервираат лицемерен симулакрум за некаква власт и држава што стреми кон Европа и светот, при што токму власта го нема ни неопходниот минимум познавања, способност и компетентност за интегративните процеси. И не само за нив, се разбира, туку е целосно неука за основните државнички работи, за едноставните државни операции, за демократско и морално управување со државните ресурси. Од целиот нивен лакрдијашки театар од 2017 година им останаа само лицемерните маски зад коишто сѐ уште се затскриваат. Но и тие ќе паднат, кога-тогаш, за неколку месеци. Ќе остане само нивната политикантска хипокризија што ќе се изучува како црн пример во македонската политичка историја.
извор: теодосиевскиуметност