Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ која има за цел да ги приближи своите читатели, ја стартува кампањата преку која ги повикува поддржувачите да станат членови на дигиталната „Лице в лице“ заедница и заедно да се движат кон промените во 2021 година.
Како што информираат од тимот на „Лице в лице“ преку веб платформата списанието има за цел да ја активира заедницата одговорни граѓани, институции, компании, кои станувајќи членови, придонесуваат во инвестицијата за подобро општество: социјална инклузија, социјална економија, независно и „solution“ новинарство, кое има за цел да посочи на успешни решенија и алтернативи кои значат унапредување на целокупната општествена клима.
– Со новата веб платформа, овозможено е да се поддржи продавач, но, и да се влијае продавачите на „Лице в лице“ да бидат дел од програма која ќе ги однесе неколку чекори поблиску до пазарот на труд. Како и да се даде поддршка на процесот на работна интеграција преку социјално менторство кое ќе се погрижи да се подобрат дигиталните вештини на продавачите и развојот на нивните индивидуални потреби и таленти – истакнаа од „Лице в лице“.
Иницијативата има за цел да ги обедини јавните личности, а првичниот импулс е од актерите во ситкомот „Преспав“ чија нова сезона започнува на 18 декември.
– Наскоро од печат излегува 43. издание на „Лице в лице“, кое e посветено на човековите права, а на чија насловна страница се актерите на „Преспав“, серија која на хумористичен начин ги идентификува општествените аномалии – стои во соопштението од списанието.
Велат дека со намалената циркулација на луѓе во кафулињата, продавачите на „Лице в лице“ речиси и да немаат продажба, а поради тоа, ниту средства за основна егзистенција, како и дека ваквите предизвици се двојно потешки за ранливите сограѓани.
– Затоа, креиравме решенија кои ќе одговорат на нивните индивидуални потреби, а истовремено, ќе ја активираат заедницата и онлајн – потенцираат од „Лице в лице“.