ЛИБАН БАРА ТРАМП ДА ИЗВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ ИЗРАЕЛ Израелската армија да се повлече од окупираните територии
Либанскиот претседател телефонски му рекол на Трамп дека Либан ќе ги преземе своите одговорности во спроведувањето на рамковниот договор, но Израел мора да се повлече од либанските територии.
Либанскиот претседател Џозеф Аун го повика американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз Израел да ги повлече своите вооружени сили од окупираните области во јужен Либан, соопшти кабинетот на либанскиот претседател.
Во телефонски разговор, претседателот Аун го повика Трамп да помогне во спречувањето на можни прекршувања на рамковниот договор меѓу Либан и Израел, како и да го гарантира спроведувањето на договорените обврски, што вклучува повлекување на израелските сили од областите во Либан.
Аун, исто така, му рече на Трамп дека Либан ќе ги преземе своите одговорности во спроведувањето на рамковниот договор.
Израел и либанската влада завчера се согласија израелската армија да се повлече од две области во јужен Либан со посредство на САД. Се очекува либанските вооружени сили да ја преземат контролата врз нив, а според рамковниот договор, Израел и Либан, исто така, се обврзаа да го прекинат нивниот децениски конфликт.
Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати ја потврдија својата поддршка за Либан и понудија помош во надминувањето на тешкотиите со кои се соочува земјата. Претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед, ја потврди поддршката во телефонски разговор со либанскиот претседател Џозеф Аун.
Бин Зајед, исто така, ја потврди својата лична поддршка за позициите на либанската влада и претседателот Аун и ја изрази подготвеноста на неговата земја да помогне во областите на политиката, економијата и општеството.
По потпишувањето на рамковниот договор меѓу Израел и Либан во Вашингтон, поддржувачите на движењето Хезболах, поддржано од Иран, го блокираа центарот на Бејрут, главниот град на Либан, и предизвикаа немири.
Генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем го отфрли договорот, велејќи дека е неважечки и претставува понижување и предавање на суверенитетот. Во соопштението што го објави, Касем го нарече договорот „ништовен“ и ја обвини либанската влада дека прави еднострани отстапки на штета на либанскиот суверенитет. Тој ги критикуваше одредбите од договорот што го поврзуваат повлекувањето на Израел со разоружувањето на Хезболах.
„Групата ќе продолжи со својот вооружен отпор. Никогаш не сме го напуштиле бојното поле и под најтешки околности, нема да го сториме тоа сега“, рече Касем.
Израел вчера изврши напад во јужен Либан, во областа на градот Набатија. Израелската армија соопшти дека користела дрон, бидејќи немала сили во областа и дека цел на нападот било лице кое претставувало закана за Израелските одбранбени сили (ИДФ), но не се дадени дополнителни детали или докази.