Левите се леви
Но, ако веќе Левица ја продолжува таа линија, зошто го ограничува „македонскиот дел“ токму до трите споменати општини? Дебар, Центар Жупа, Желино, Теарце, Боговиње и уште неколку општини, исто така, се дел од Македонија.
Додека ја пишувам оваа колумна, некаде, во некој штаб, некој пишува дека „власта нема да се спаси со нарачани анкети“. Не знам кој ќе биде побрз – редакцијата на порталот да ја објави анкетата или партиските портали со соопштенијата за „големото изненадување“ што не изненадува никого. Ниту власта ќе се спаси со анкети, ниту опозицијата ќе победи со нив. Во Македонија избори не се добиваат во „местени анкети“, туку со политичка теренска работа и јасна понуда за иднината. А тоа не ѝ недостига на власта во моментов, со назнака, можеби сум пристрасен, како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ. Просто – прифаќам дека „мојот Фејсбук меур, можеби е надуван со настани, активности или изјави на челниците партијата“.
Но, има нешта што сепак вреди да се разгледаат во политичките изјави. На пример, Левица гордо објавува дека единствено тие имале кандидати Македонци во Струга, Гостивар и во Тетово. Браво. Со силни аргументи! Пресилни за нормален човек да ги сфати… Се разбира дека сум саркастичен. Левиве, аргументацијата ја темелат на старата теза на покојната Доста Димовска дека „Македонија е до Групчин“ – теза која, уште тогаш, беше повеќе анти-пропаганден крик отколку аналитичка дијагноза. Но, ако веќе Левица ја продолжува таа линија, зошто го ограничува „македонскиот дел“ токму до трите споменати општини? Дебар, Центар Жупа, Желино, Теарце, Боговиње и уште неколку општини, исто така, се дел од Македонија. Ако навистина се докажува македонштината со етничката припадност на кандидатите, тогаш би било доследно да се оди подалеку од Групчин и до крајот на географската карта. Сè друго личи на селективен патриотизам – инфантилна и злонамерна стратегија која повеќе личи на пост на Фејсбук отколку на државничка политика. Додуша, што да очекувам од Фејсбук партија?
Исто така, ако македонштината денес се брани со тоа „кандидатот мора да е Македонец“, тогаш природно се поставува прашањето: зошто за Скопје, од сите можни луѓе, Левица кандидираше припадник на бошњачката заедница? Да не бидам погрешно сфатен. Никој не вели дека не треба или не смее, напротив, тоа е право на секој полнолетен граѓанин и здраво за демократијата. Но, како што велат старите, „не можеш и јарето и парите“. Ако во Скопје е во ред да се кандидира Бошњак, тогаш зошто во Гостивар мора да биде Македонец? Дали критериумот е принцип или пак е маркетинг – зависи од адресата на избирачкото место? Оваа дволичност на Левица ја открива најголемата слабост на нивната политика: принципите им траат онолку колку што трае статус на Фејсбук. Ако не спомнав – што треба да очекувам од Фејсбук партија?
Од другата страна, признавам дека и мене малку ме иритира прагматизмот на Мицкоски. Особено тоа неистакнување кандидати на места каде што коалицијата ВЛЕН или ЗНАМ веќе ги покриваат позициите. Тоа е тоа… И врз мене влијае фактот дека сум „партијаш“ од 1994-та година, активен од 2005-та. И да, и мене, кога би бил површен, би ми изгледало како откажување од борба. Но, ако тргнеме по здрава логика, тоа е рационално. Во Македонија премногу долго се играше на емотивна политика: кој ќе вее поголемо знаме, кој ќе пушти погласна патриотска песна на митинг, кој ќе се заколне дека ќе го спаси името, идентитетот, верата и уште што ли не. А резултатот на тоа? Некако – во спротивна насока ми оди веќе 30 години! Па – време е да се смени и да се сфати дека патриотизмот вклучува покрај знаме и песна – додатоци како здрава и силна економија, јако образование, квалитетно здравство, фискална дисциплина, овозможување работни места… Сè на сè, патриотизмот е покомплексен од „кандидати имаме после Групчин“.
Избори не се олимпијада, за да важи мотото „важно е да се учествува“. Изборите се битка за власт, а во битка не се трошат ресурси без шанси за успех. Секоја партија што сака сериозно да владее мора да учи да менаџира со ресурси уште пред да дојде на власт. Во таа смисла, прагматизмот на Мицкоски – колку и да изгледа непатриотски – е барем логичен.
Завршно, за Левица можам да кажам само: мене левите ми се премногу леви. И тоа не е само локален феномен. Ако погледнеме преку океанот, таму во Америка мислев дека кулминацијата на апсурдот беше достигната кога левичарски групи протестираа поради „неправдата“ што „малиот Плутон“ бил деградиран од планета во планетоид. Го заштитуваа „помалиот“ – до апсурд! Се смеевме, ги нарекувавме хипстери без работа. Но денес тие исти леви групи организираат протести за поддршка на човек што извршил убиство врз Чарли Кирк – само затоа што не им се допаѓа неговата идеологија.
Ако левите стигнаа до таму да протестираат за џуџеста планета и за атентатор, тогаш навистина зборот „леви“ добива ново, проширено значење, но познато во македонската традиција преку фразата: Остави го, гледаш дека е малку лев. Од овде до Америка, левите навистина остануваат – леви. А тоа, на долг рок, е проблем и за нив самите, и за политичкиот живот во целина.