ЛЕВИЦА ТВРДИ ДЕКА КОВАЧЕВСКИ И МИЦКОСКИ ТАЈНО СЕ ДОГОВАРААТ ЗА УСТАВОТ Од ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тужба за клевета доколку не се извини
Ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат – одговара ВМРО-ДПМНЕ.
Врз основа на извори во ВМРО-ДПМНЕ партијата Левица тврди дека се воделе тајни разговори помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски, кои, како што се тврди, кулминирале со најновата понуда за промена на уставоt според хрватскиот модел. На овие обвинувања ВМРО-ДПМНЕ одговори дека се лажни и дека се нарачани од СДСМ и најави тужба за клевета против Левица доколку не се извини.
„Под нов превез се засилуваат обидите на странските структури за окончување на промената на уставот преку разни политички чинители, за расчеречување на македонските национални одлики, историја и посебност, за субверзија на народниот суверенитет изразен во институциите и конечна парализа на државата преку навлегување на бугарските служби во општествено-политичкиот живот.
Поради оваа егзистенцијална опасност, до нас пристигнуваат информации од луѓе на високи позиции во ВМРО-ДПМНЕ, за наводни разговори помеѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски во посредништво на структури од соседна Бугарија, кои кулминираат со најновата понуда за промена на уставот според хрватскиот модел.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку лагата за безболен „хрватски модел“ за менување на Уставот, обелодени дека совршено се вклопува во крајната цел на сегашниот неизбран премиер Димитар Ковачевски и пробугарската СДС.
Минатото лето народот одлучно кажа НЕ за бугаризацијата на Македонија преку т.н. француски предлог и го искажа својот пркос за задржување на цивилизациското право на самоопределување. Сега, раководството на ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток на амортизер на народното незадоволство, и затоа скапо ќе чини формирањето на нови лаги во координација со СДС и ДУИ.
Вистината е дека, со овој модел се исполнува Софиската платформа. Како тројански коњ, овој модел води кон повторно наметнување на францускиот предлог низ работните групи. Затоа, учеството во овие работни групи е знак на предавство.
Компромис не смее да има, бидејќи ние не говориме за европска извесност која следи туку за силен аларм за бугаризацијата на Македонија и роварење на странските служби низ државата.
Јасни се насилничките притисоци кои се вршат врз државата и кои не соодветствуваат на било каква европска иднина. Јасно е и дека ВМРО-ДПМНЕ се приклучува кон разнебитувањето кое го предводи Димитар Ковачевски. Но, повеќе од се, јасни се опасностите кои неуморно демнат, за бугарските служби според чија директива нашите домашни политичари се управуваат“ – се вели во соопштението на Левица.
На ова одговори ВМРО-ДПМНЕ со свое соопштение.
„Прес конференцијата на Левица која се одржува под директна нарачка на СДС е во целост лажна. Ниту имало тајни средби, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат. Затоа против Левица ќе биде покрената тужба за клевета доколку не се извинат за лажните тврдења.
Единствените можеби тајни средби се тие на Апасиев кога добива задачи од Богданка Кузевска за посериозни нарачки. Но тоа не го менува фактот дека коалицијата СДС-Левица е јавна и транспарентна“ – се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.