Левица: Работодавачите со камата да ги вратат парите, државната помош да се исплаќа директно на работниците
Остро го осудуваме манипулирањето кон работниците од сите работодавачи коишто по добиената државна помош исплаќале помала плата од законски утврдената, реагира Левица.
-Додека директорката на УЈП, Сања Лукаревска, (СДС) упатува апели до работодавачите да ги подмират своите обврски кон работниците, во кои се заканува со некаква фиктивна санкција во форма на „јавно објавување на фирмите кои не ги подмириле обврските“ , работниците остануваат оштетени и некомпензирани во целата ситуација, при што се оставени на цедило по којзнае кој пат од страна на државата. Секако, доколку директорката, Лукаревска посветеше помалку време на партиските активности, а повеќе на решавање на проблемите со исплатување на платите на работниците, веројатно немаше да има ваков хаос во државата – велат од партијата.
Левица во име на работниците бара сите оние работодавачи коишто ја злоупотребиле државната помош да бидат обврзани да ги вратат доделените средства со камата, како и да ги компензираат со камата сите работници коишто биле изиграни во изминатиов период.
– Идната државна помош наменета за работниците да им се исплаќа директно на трансакциските сметки на самите работници, а не преку работодавачите, како би се спречила ваквата злоупотреба на средствата доделени од државата. Мора да се стави крај на неправдите коишто се случуваат на работникот, мора да се даде до знаење на сите работници дека Левица е нивниот најголем пријател во нивната борба за достоинствен живот од својот труд – велат од Левица.