ЛЕВИЦА ПРЕДЛАГА ДА НЕ ЗАСТАРУВААТ КРИВИЧНИ ДЕЛА СТОРЕНИ ОД ФУНКЦИОНЕРИ Партијата предложи измени во Кривичниот законик
Мециновиќ рече дека драстичното намалување на казните и роковите на застареност влијае и во истрагата на трагедијата во Кочани, каде најмалку ќе бидат опфатени оние кои треба да бидат опфатени и нема да бидат изречени казни на вистински начин.
Пратеничката група на Левица денеска предложи измени во Кривичниот законик со кои се предлага кривични дела поврзани со злоупотреба на службената должност никогаш да не застаруваат.
– Маѓепсаниот круг на неказнивоста и корупцијата за политичката и бизнис елита мора да се столчи со драстични измени. Ова го правиме како коректив на она што во минатиот мандат претставуваше еден од најсрамните денови за законодавната власт во Република Македонија. Тоа е кога минатата власт на СДС и ДУИ, со обезбеден кворум од ВМРО-ДПМНЕ, драстично ја намали казнената политика и периодот на застарување на кривичните дела, со цел исполнување на интересите на неказнивоста на политичката и бизнис елитата во Македонија – истакна пратеникот и портпарол на партијата, Амар Мециновиќ.
Тој рече дека драстичното намалување на казните и роковите на застареност влијае и во истрагата на трагедијата во Кочани, каде најмалку ќе бидат опфатени оние кои треба да бидат опфатени и нема да бидат изречени казни на вистински начин. Намалувањето на казните, според Левица, е најгрубо легализирање на неказнивоста, амнестија за политичката и бизнис елита и отворена врата за корупцијата да продолжи да цвета.
– Измените кои денес ги предлагаме предвидуваат отпор кон интересите на корумпираната елита. Со измените предлагаме застарувањето на делата да биде дуплирано. Па така, оние кои треба да бидат стигнати од правдата, независно од моментот кога ќе биде откриен кривичниот чин, да бидат процесуирани на вистински начин и правдата да биде задоволена – истакна Мециновиќ.
Во измените на Кривичниот законик Левица предлага и додавање кривични дела во категоријата дела кои не застаруваат, а се однесуваат на дела од економскиот криминал и злоупотреба на службената положба. Во делата кои не застаруваат предлагаат да се додаде злоупотребата на службената положба како еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонското општество и политичкиот систем.
– Со ова сметаме дека ќе се спречи свесното одолговлекување на судските процеси со што дополнително се спречува неказнивоста. Затоа ова не е технички предлог, ова е директен удар врз корупцијата. Очекуваме дека пратениците во Собранието ќе имаат доблест да покажат дека нема веќе да се кријат зад законските норми. И, дека ќе застанат на страната на граѓаните и правдата и ќе престанат да ги бранат интересите на политичката и бизнис елитата на која припаѓаат – рече Мециновиќ.