ЛЕВИЦА ПРАШУВА ДАЛИ УНИВЕРЗИТЕТОТ НА МЕРКО ИМАЛ НАМЕНА „СЕМЕЈНА КУЌА“ Ако е така, ја оштетил државата со 90.000 евра неплатени комуналии, пресметала партијата
Левица ги повикува надлежните институции да ги испитаат сомнежите дали овој универзитет впрочем е легализирана дивоградба како „семејна куќа“.
Левица објавува нови сомнежи за работењето на контроверзниот универзитет на Рамиз Мерко во Струга.
„Станува збор за објектите во кој е сместен Меѓународниот универзитет Струга, формално во сопственост на блискиот соработник на Рамиз Мерко, Армен Кадриу. Сомнежите се дека овие бесправно изградени објекти биле легализирани со Решение за легализација во 2012 година (иако факултетот постои од 2009 г.) Скандалозното е што објектите во кои е сместен универзитетот се легализирани како семејни куќи (А1), наместо како објекти со намена-образование. Со други зборови, контроверзниот факултет на градоначалникот во заминување урбанистички е заведен како семејна куќа. Со ваквата легализација, Мерко ја оштетил општина Струга (каде тогаш бил власт) со неплатени комуналии од дури 90.000 евра“, се наведува во соопштението од Левица.
Левица ја прашува министерката за образование Весна Јаневска зошто молчи по спроведениот инспекциски надзор во овој универзитет и дали се работи за предизборни договори и пазарења помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Рамиз Мерко?
Левица ги повикува надлежните институции да ги испитаат сомнежите дали овој универзитет впрочем е легализирана дивоградба како „семејна куќа“, како и да се провери дали оваа образовна установа има одобрен ПП елаборат, одобрена техничка документација и дали постои одобрен проект за образование со потребните елаборати и согласности.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски повеќе од една година се централна власт и токму тие се најповикани да стават крај на незаконитостите на струшкиот универзитет. Наместо Мицкоски да шири празни флоскули дека расчистува со криминалот на ДУИ, време е неговите министри да преземат реални акции за откривање и санкционирање на бруталното безаконие, кое позади себе го остави токму Рамиз Мерко“, порачуваат од Левица.