Левица поднесе Предлог-закон за намалување на платите на уставните судии
Целта на овој Предлог-закон е да се анулира додатокот за плати, кој уставните судии си го изгласаа со промена на Деловникот во октомври 2020 година, а со кој ќе може да примаат додатоци до 35% од основната плата - кои ќе изнесуваат дури до 500 евра, соопшти Левица.
Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на Собранието на Република Македонија, поднесоа Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица на РМ.
„Целта на овој Предлог-закон е да се анулира додатокот за плати, кој уставните судии си го изгласаа со промена на Деловникот во октомври 2020 година, а со кој ќе може да примаат додатоци до 35% од основната плата – кои ќе изнесуваат дури до 500 евра! Имено, овој специјален додаток се однесува на: посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост!? Сметаме дека, во случајов, нема никаков правен основ за овие додатоци – бидејќи уставните судии работат апстрактни спорови (т.е. судир на акти), а не конкретни спорови меѓу странки. Напротив, тие го кршат Уставот по неколку члена и тоа: чл. 113, каде со акт на судот им е дозволено да се уредува само начинот на работа и постапката, а не и платата; чл. 109, каде е нагласено дека се избирани од Собранието и со тоа за нив важи Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица на РМ, а материјата за плата не може да се уредува со менување на Деловник“, се вели во соопштението.
Исто така, наведено е таму, постојат индиции за вршење на кривично дело по чл. 353 од КЗ, односно „злоупотреба на службена должност и овластување“, за што нашиот правен тим ја разгледува можноста за поднесување на кривична пријава.
„Ние предлагаме интервенција во членовите 14 и 15 од постојниот Закон, каде коефициентот за плата на претседател на Уставниот суд би се спуштил од 4.00 на 3.60, а коефициентот за уредување на платата на судија на Уставен суд, би се спуштил од 3.70 на 2.50 – односно, намалување на платите за 1/3, исто толку колку што тие самите бесправно си ги зголемија“, се вели во соопштението.