ЛЕВИЦА ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА Изречената забрана за вршење професија е главен аргумент
Пратеникот на Левица Борислав Крмов поднесе иницијатива за разрешување на претседателката на Државна комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, до Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Пратеничката Јована Мојсоска од Левица вчера појасни дека во Законот за спречување на корупција, во член 14, изричито се предвидува дека претседателката на антикорупциска комисија може да се разреши доколку престанат да важат условите од член 11 од истиот закон.
– Во Член 11 се условите кои треба да ги исполнува претседателката на антикорупциска комисија за да стане претседател на ДКСК. Меѓу условите во член 11 е тоа дека не смее да ѝ биде изречена мерка за забрана за вршење на професија. Во овој момент на претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска ѝ е изречена мерка за забрана за вршење на професија. Таа повеќе од два месеца не оди на работа и токму тука ја наоѓаме законската основа за да ја поднесеме нашата иницијатива до Комисијата за прашања на изборите и именувањата – рече Мојсовска.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопштија дека одлуката за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателката е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Како што се наведува во соопштението од ДКСК, поднесувањето оставка како морален чин е одлука и право на самата претседателка на Комисијата.
– Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси – рекоа од ДКСК.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 18 јули годинава, поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна. Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.