Левица поднесе иницијатива за оценка на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“
Партијата смета дека постојат четири причини поради кои треба да се оцени уставноста на овој Закон.
Партијата Левица поденсе иницијатива до Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на уставноста и поништување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на РМ и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба донесен на 28 декември лани.
Законот како што рече денеска Саше Јанчев од Левица предвидува една акција, којашто вреди 19.000.000 евра, да му се плати на Макпетрол по цена од 33.000.000 евра.
– Во законот никаде не е спомнато кој ќе плати данок на капитална добивка, ниту пак е спомнато дали државата ќе добие дивиденда. Лицата во чиј интерес се прави сето ова се наведени за прв пат во законот, ова е и преседан од АСНОМ до денес затоа што законите се општи правни акти, коишто делуваат ЕРГА ОМНЕС према сите, а не поединечно како што делуваат судските пресуди. Сето ова е така направено, што е пробиена уставната рамка во неколку точки – рече Јанчев.
Според Левица постојат четири причини поради кои треба да се оцени уставноста на овој Закон.
-Прво е пробиена тријалистичката поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Имено, законодавниот дом пробува да реши судски спор стар 15 години и со тоа прави упад во надлежностите на судската власт и делува како вонреден суд што е изречно забрането со Уставот. Друга работа е што законот е привилегирачки, се рашава спор само на една компанија, а сите останати компании, коишто имаат судски спорови со владата се тргаат на страна. Воедно законот е и фаворизирачки, затоа што се нарушува правната еднаквост на економските субјекти, која е гарантирана со Уставот, трета работа е што никаде не се спомнува кој ќе го плати данокот на капитална добивка, а според Устав сите субјекти се должни да плаќаат данок и јавни давачки. Четврта работа е што од никаде во законот се инволвира трето незаинтересирано и неинволвирано лице, а тоа е „А.Д. Национални енергетски ресурси” (НЕР АД Скопје), кое е во државна сопственост и кое е инволвирано со цел преку него да се направи наплата, тоа е најверојатно така, затоа што Владата сака да ја тргне од свои раце евентуалната идна кривична одговорност -рече Јанчев.
Ако се спроведе овој закон, додаде тој, можни се штетни и непоправливи финансиски последици по Републичкиот буџет и опасност по правната сигурност на граѓаните и компаниите.