ЛЕВИЦА ФРЛИ РАКАВИЦА Работа на определено до 6 месеци и плата до 5-ти во месецот

За компаниите посебно оние со голем број вработни и двата предлога за измени на законот за работни односи на Левица се неприфатливи, не ги подобруваат правата на работниците, а ја комплицираат работата на компаниите.За синдикатите е прифатливо секое решени со кое се подобруваат правата на работниците.

4,098

Популизам и непотребно компликување на работата на компаниите кои се во исклучително тешка состојба, е првичната реакција на бизнисот за предлогот на партијата Левица да се скрати рокот за трансформација на договорите за работа од определено на неопределено на 6 месеци и да се исплаќа плата до 5 -ти во месецот за претходниот месец. Реагираше и Стопанската комора од името на најзините члнки со барање да се повлечат овие измени бидејќи за нив не е водена расправа на засегнатите страни.

За синдикатите кои и самите бараат намалување на рокот на трансформација на договорите за работа од определено на неопределено работно време е прифатлив секој предлог што е поповолен за работниците.






Пратениците на Левица во собранието доставија измени на Законот за работни односи со кои се крати рокот за трансформација на работниот однос од определено во неопределено од 5 години на 6 месеци и се определува рок да се исплаќа плата до 5-ти наместо до 15-ти во месецот за претходниот месец. Законот, според предлагачот, треба да се донесе во скратена постапка бидејќи е краток.

„Целта на предлог-законот е следејќи ги недоследностите кои се јавуваат во практиката, да се влијае корективно преку намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено работно време со што ќе се зголеми продуктивноста на работникот преку обезбедената сигурност во обезбеденото работно место. Дополнително, се намалува крајниот рок за исплата на платите со што ќе им се овозможи на сите работници платата да ја земаат на почеток на месецот, а воедно со тоа ќе се мотивира работникот и ќе се зголеми неговата продуктивност. Предлог на законот одговара на моменталната состојба на работничките права, правата на човекот-работник, во Македонија. Па така денес, во име на погубните неолиберални економски реформи, како што е фамозната „флексибилност на пазарот на труд“, работникот е обесправен преку секојдневно обезвреднување на неговиот труд“ се вели во предлогот на Левица.

За компаниите посебно оние со голем број вработни и двата предлога за измени на законот за работни односи на Левица се неприфатливи, не ги подобруваат правата на работниците, а ја комплицираат работата на компаниите.

– Со предлогот да се исплаќа платата на 5-ти наместо на 15-ти се компликува работењето на големите компании главно трудоинтензивните кои имаат голем број на вработени, а платата се пресметува според учинок и низа други параметри. Овие компании и сега едвај стигнуваат да направат пресметки на платата до 15-ти во месецот. Тоа ќе значи дека сега ќе треба за ден или два да ја завршат пресметката во која покрај учинокот се пресметува уште прекувремена работа, работа во смени, стаж и низа други параметри – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе и член на Организацијата на работодавачи.

Тој смета дека скратувањето на рокот за трансформација на работниот однос од определено на неопределено на 6 месеци, е крајно популистички и предложен без да се направи анализа како тоа ќе се одрази на компаниите од различни дејности и старост. Главен проблем, според него, е што овој предлог ќе го докомпликува процесот на отпуштање на работници што е тежок во нашето законодавство.

– Со вакво решение, мислам дека најмногу им се наштетува на новоотворените фирми од кои 70 отсто најчесто не успеваат да преживеат до 3 години. Никој нема да отвори фирма, ако за 6 месеци треба да го трансформира работниот стаж на работниците од определено во неопределено време. Што ќе се случи, ако еден месеци или да речеме 6 месеци по трансформацијата фирмата забележи лоши резултати и мора да отпушти работници. Дали оваа компанија ќе може да плати испратнина за работниците? – вели Димитров.

Проблем да се спроведе ова решение, вели тој, ќе има и кај компаниите кои работат на проекти кои траат повеќе од 6 месеци односно 1,2 или 3 години.

– Што ќе им прави работодавачот на работниците кои се ангажирани на тој проект. Повторно се наметнува прашањето на отпуштањето и компликуваниот процес да се отпушти работник според нашите закони. Да го имаме американскиот модел на лесно отпуштање на работниците, тогаш рокот за трансформирање на работниот однос не би бил проблем – додава тој.

Димитров наведува дека за работодавачите оптимален период за трансформација на работниот однос е 3 години и за тоа се залагаат во преговорите за подготовка на новиот закон за работни односи на кој се работи од 2018 година.

– Ова е наш предлог во рамки на преговорите за подготовката на новиот закон за работни односи која е во тек. Таму веќе се договара рокот да се скрати од 5 на 3 години. Дополнително се предлага во законот да не се ограничува работникот да работи 3 години на едно работно место, туку да се собира годините во кои бил ангажиран и на други работни позиции во компанијата – појаснува тој.

Тој вели дека предлогот на Левица е во спротивност и со актуелната флексибилност на пазарот на трудот која овозможува голем број невработени да најдат работа.

Предлогот на Левица е прифатлив за синдикатите кои и самите бараат намалување на рокот на трансформација на договорите за вработување од определено на неопределено работно време.

– Секое решение кое е поповолно за работниците е прифатливо за синдикатите, па и предложените измени на законот за работни односи на Левица се прифатливи за Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) – вели Маре Анчева од СИЕР.

Овој синдикат пред 4 години донесе резолуција со која се бара скратување на периодот на трансформација на работниот однос од определено на неопределено.

– Ние како синдикат го застапуваме ставот дека рокот за трансформација на работниот однос треба да биде 1 година наместо 5 години како што е во актуелниот закон за работни односи. Дополнително сметаме дека процентот на работници со определен статус треба да изнесува 25 до 30 отсто од вкупниот број на работници во компанијата и како трето во законот да се дефинираат случаите во кои треба да се даде решение за определен работен однос. Овие наши ставови ги знаат и работодавците и владата бидејќи за нив се преговара при подготовката на новиот закон за работни односи – вели Анчева.

Синдикатите сметаат дека главен проблем за работодавачите е тоа што отказот е поевтин кога работниот е на определено, а поскап кај работниците на неопределено, бидејќи тогаш треба да исплатат испратнина која е 1 плата за работниците со стаж до 5 години.

– Но, во експертизата на усогласеност на новиот закон за работни односи со европските норми покажува дека во случајот и оние кои се на определено треба да ги имаат истите права како и оние кои се со неопределен работен статус. Што значи и овие работници треба да добијат испратнина при отказ. Тоа говори дека е залудно барањето на работодавачите за поголем рок за трансформацијата на работниот однос – појаснува Анчева.

Од Стопанската комора веќе испратија и барање до претседателот на Собранието Талат Џафери, предложените измени на законот за работни односи од страна на Левица да не се гласаат, туку да се вратат на јавна расправа кај заинтересираните страни.

„Претставниците на компаниите посочуваат и дека фактот дали вработувањето е на определено или неопределено време, воопшто не влијае од аспект на остварување на правата од работен однос. Вакво или слично решение како предложеното не може да се сретне ниту во земјите во регионот (на пример, во Србија договорот на определено време може да трае до 24 месеци, во Хрватска до 3 години итн.), ниту пак пошироко во Европа“, соопштија од Стопанската комора.

Тие потсетија и дека се застапници на ставот на нивните членки, кои обезбедуваат 50,3 отсто од приходот, 47,6 отсто од нето-добивката и каде што се 33,7 отсто од вработените во приватниот сектор.

Поврзани содржини