ЛЕВИЦА E КАКО „БАБА РОГА“ НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА Антикампањата го крева рејтингот на партијата

Левица ја обвинуваат за фашизам, за нацизам, национализам, за антиевропска политика и за негативен став кон НАТО. Обвинувањата се секојдневни и често не се бираат зборови и квалификации за да се оцрни лидерот Димитар Апасиев.

9,311

Феноменот наречен Левица продолжува да напредува, рејтингот на партијата расте во континуитет, секој изборен резултат е подобар од претходниот, иако речиси сите останати политички партии во земјава испорачуваат константна антикамапња кон оваа политичка опција.

Левица ја обвинуваат за фашизам, за нацизам, национализам, за антиевропска политика и за негативен став кон НАТО. Обвинувањата се секојдневни и често не се бираат зборови и квалификации за да се оцрни лидерот Димитар Апасиев.






– Се работи за обичен дефокус од прашањата за криминалот, корупцијата, сиромаштијата, економската и енергетската криза и други работи кои актуелната Влада е немоќна да ги реши. Ние сме левичарска партија и како секоја левичарска партија сме против членство во воени сојузи. Тоа е наш став, кој одамна е познат. Но не е точно дека сме против членство во Европската Унија, напротив – вели Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица.

Таа додава дека најлошата реклама за ЕУ во Македонија, доаѓа од актерите во актуелната власт.

– СДСМ и ДУИ доживеја пораз на локалните избори, иако кампањата им беше изразито проевропска. Но, во суштина граѓаните ги казнија лошите политики на коалицијата, па може да се каже дека најголемата опасност по идејата за ЕУ доаѓа токму од овие две партии – изјави Мојсоска за Плусинфо.

Левица е вообичаениот осомничен

Минатата недела бевме сведоци на реална „сапунска опера“ во политиката, кога опозицијата попусто се обидуваше да изгласа недоверба на Владата, а владејачкото мнозинство на „крилјата“ на ненадејниот евроатлански ентузијазам на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, успешно го „минираше“ обидот за промената на власта.

Општ е впечатокот дека се работи само за „пирова бода“ на власта, која се обидува да го амортизира лошиот резултат на локалните избори, а може да се претпостави и дека „интезивирањето на притисокот кон Софија, во обид Македонија да добие брз датум за отпочнување на преговори со ЕУ“, како што тоа се лиферува од разни страни е всушност само политички спин.

Но, Кастриот Реџепи, кој на денот на гласањето во Собранието вели дека се „самоизолирал кај пријател“, па затоа не беше присутен во собраниската сала, на јавноста ѝ откри дека добил цврсти гаранции дека до декември ќе биде надминат проблемот со Бугарија, со што ќе се откочат евроинтеграциските процеси на наштата земја. Реџепи не кажа кој тоа му ги дал цврстите гаранции, но истакна дека со промената на актуелната Влада, процесите би биле нарушени. Елаборирајќи зошто наеднаш се приближил кон ставовите на ДУИ, тој посочи дека му пречело да биде во ист кош со пратениците на Левица, кои се против НАТО и ЕУ.

– Со ДУИ имаме заеднички точки особено за проекти поврзани со Албанците. Со Левица немаме заеднички точки, напротив, тие се ретроградни, сакаат да го поништат признавањето на Косово. Во Парламентот не сакам да дебатирам со нив оти тие тоа и го сакаат да им се реплицира за да ги покренат тие радикални и ретроградни теми – изјави Реџепи во „Утрински брифинг“.

Интересно е дека целата драмолетка со Реџепи, од центрите за информирање на владејачките партии беше насочена против Левица и нивниот лидер Димитар Апасиев, со образложението дека „не смее да постои опција која се противи на Вашингтон и Брисел“.

Левица си стои на зборот

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека Левица постојано им служи на останатите политички партии како оправдување за лошите и непопуларни постапки, кои често се и неморални и незаконски.

– Претставниците на Левица не го погазиле својот збор и опстојуваат на своите ставови. Тие велат дека не го признаваат Преспанскиот договор и не го менуваат ставот потоа, додека гледаме како некои други партии омекнуваат по тоа прашање. Тие делуваат надвор од ставовите кои се сметаат за политички пристојни, но не прават ништо незаконски, што не е случај со другите партии. Затоа и нивниот рејтинг постојано расте, иако се под постојан притисок на антикампања што се води против нив – вели Пекевски за Плусинфо.

Пекевски смета дека рејтингот на Левица најмногу ќе порасне во периодот што следува, особено по минатонеделните случувања во Собранието и обидите да се изгласа недоверба на Владата.

– Убавината на демократијата се состои во тоа да се слушнат различни мислења. Левица досега не била на власт, па граѓаните не можат да бидат разочарани од нив, како што во минатото повеќе пати се разочарале од другите партии. Сè сомневам дека тие ќе можат да ги исполнат ветувањата кога би биле власт во Македонија, но во моментов се јавуваат како опција за голем број на разочарани гласачи. Од Левица всушност профитираат од антикампањата што се води против нив – додава Пекевски.

 

Поврзани содржини