Левица бара веднаш да прекинат преговорите со Бугарија
Проблемот е тоа што Бугарија, како и генерално самата ЕУ, не можат да го прифатат своето фашистичко минато. Додека пак, иднината на ваквата нереформирана ЕУ, е сè поизгледна како колонија и жртва на британско – американските интереси, а на штета на целиот европски народ.
Во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ, каде ќе се одлучува за стартот на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, на чиј пат стои препреката на Бугарија, ја предупредуваме јавноста дека и покрај тоа што премиерот Заев нè убедува дека не преговара ниту за јазикот, ниту за идентитетот, сепак, поучени од претходно, нема сомнеж дека спрема уште едно велепредавство, смета Левица.
Според партијата, затоа е и апсолутната нетранспарентност на Владата во однос на предлогот кој Заев го доставил до официјална Софија – трговецот на пиперки и бостан со амбиции да ја распродаде државата преговара токму за јазикот и историјата, поточно продолжува да го разнебитува темелот на националниот идентитет.
– Изјавите од страна на претставниците на Унијата, дека таа е посветена кон изнаоѓање на „заедничко решенија“, не се ништо друго освен уште еден подол обид во замајување на македонската јавност, исто како што беше и случајот со Преспанскиот договор и воениот сојуз НАТО. Политичкиот естаблишмент, замајувајќи го народот, се обидува да му создаде илузорен призор за неговата „светла“ иднина, овој пат преку ЕУ. Заедничко решение кое штети само на едната страна не може да има! Проблемот е тоа што Бугарија, како и генерално самата ЕУ, не можат да го прифатат своето фашистичко минато. Додека пак, иднината на ваквата нереформирана ЕУ, е сè поизгледна како колонија и жртва на британско – американските интереси, а на штета на целиот европски народ – смета Левица.
Од таму додаваат дека во ваква констелација, преговорите со ЕУ на Македонија ќе бидат само заради и во корист на туѓи интереси.
– Јасно е дека нема да биде донесена конечна одлука од Совет на министри на ЕУ. Сепак, таква одлука ќе донесат шефовите на држави и влади на седницата на Европскиот совет, која е закажана за четврток и петок во Брисел. Потребно е веднаш да се прекинат преговорите со Бугарија и во Собранието на Македонија, на дневен ред да се најде предлог – Декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии, која пратениците на Левица ја поднесоа уште во октомври минатата година. Претседателот на Собранието, неисполнувајќи ја деловничката должност која му ја налага функцијата, без нималку политичко достоинство, упорно ја задушува оваа наша иницијатива – велат од Левица.