ЛЕТОВО, СТРОГИ ЗАБРАНИ ЗА ТУРИСТИТЕ НА КАПРИ Локалните власти со мерки за заштита на локалните жители од масовниот туризам
На водичите ќе им биде забрането и да користат големи чадори, знамиња и слични предмети што привлекуваат внимание.
Италијанскиот остров Капри, еднo од најпознатите туристички места во светот, воведува нови правила во борбата против масовниот туризам. Целта на мерките, коишто стапуваат во сила ова лето, е да се намали притисокот врз околното население и инфраструктурата во „шпицот“ на сезоната.
Општинскиот совет на Капри, предводен од градоначалникот Паоло Фалко и директорката за туризам Мелани Еспозито, во февруари едногласно усвоиле одлука за новите мерки што треба да стапат во сила во мај. Според новите правила, организираните туристички групи ќе бидат ограничени на максимум 40 лица. Групи од повеќе од 20 лица со водич ќе мора да користат слушалки за да ја избегнат бучавата од звучниците. На водичите ќе им биде забрането и да користат големи чадори, знамиња и слични предмети што привлекуваат внимание.
Тие, исто така, ќе бидат обврзани да ги спречат своите групи да ги блокираат улиците, како и вознемирување на случајните минувачи.
Иако Капри има население од 13.000 – 14.000, десетици илјади гости дневно го преплавуваат островот во летните месеци. Се проценува дека во високата сезона на островот има и до 50.000 луѓе на ден. Таквиот прилив на посетители носи мноштво проблеми, од огромни количини отпад до бучава и целосен колапс на сообраќајот.
Градоначалникот Фалко, исто така, најави дополнителни мерки за регулирање на поморскиот сообраќај, првенствено во пристаништето Марина Гранде. Се разгледува можноста за ограничување на истоварувањето бродови во одредени периоди со цел да се намали метежот при пристигнувања и заминувања. Деталите сè уште не се финализирани, но решението треба да биде објавено пред почетокот на летото.
Правилата за облекување останува ист. Иако нема строг кодекс, забраната за носење дрвени кломпи, воведена во 1950-тите и 60-тите – поради бучавата што ја создаваат на калдрмата на улиците, сè уште е во сила. Премногу гласната музика од преносни уреди, исто така, е забранета.
Тамошните жители и здруженија на граѓани ги поздравија новите мерки и правила како „неопходна алатка“ за олеснување на најкритичните точки на островот.