ЛЕТОВИ КОН СОФИЈА ОД 1 МАРТ Ковачевски вели дека и други граѓани можат да побараат да бидат дел од нашиот Устав
Критериум за успешност во инфраструктурата е доколку до 2023 година 13 километри од патот се направи до граничниот премин Клепало и тој се отвори, изјави Ковачевски.
Добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работи кои беа заборавени последните години. Меморандумите што денеска беа потпишани имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион, порачаа премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска на заедничка прес-конференција во Софија.
Двајцата премиери оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секторските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.
– Имаме веќе три реални потпишани меморандуми за многу клучни прашања, прашања од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија-Скопје. Тоа е пример за новиот пристап којшто ние го даваме со нова енергија и реални резултати – рече бугарскиот премиер Петков, додавајќи дека има огромна синергија и предности за добрососедство.
Тој најави дека на првите средби на работните групи ќе присуствуваат и претставници од стопанските комори и од образовните и културните институции.
– Добро е што веќе има и план за неделно среќавање на секторските експерти. Меѓутоа, уште поважно е што веќе на првите средби ќе бидат вклучени и претставници од институциите, односно од стопанските комори, образовните институции, културните установи и низ конкретна соработка да можат да ги видат бенефитите од соработката помеѓу двете соседни држави – рече македонскиот премиер Ковачевски.
Работната група во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот и земјоделието веќе има план на активности што ќе треба да се реализираат во наредните месеци, а групата задолжена за културата и образованието исто така има конкретни проекти коишто ќе значат соработка меѓу високообразовните институции од двете држави и воспоставување научни конференции, особено во делот на природните науки. Во делот на евроинтеграциите, како што посочи Ковачевски, Северна Македонија може да ги примени искуствата од Бугарија која веќе 15 години е членка на Европската унија
Двајцата премиери изразија задоволство и од историската комисија која, како што посочија, ќе ги интензивира активностите во следниот период.
– Историската група кажа дека ќе има барем три средби следните четири месеци. Многу интензивна работа меѓу средбите и тие имаат оптимистички поглед кон заедничките задачи – изјави Петков.
На почетокот на прес-конференцијата на двајцата премиери, беа потпишани неколку билатерални договори за соработка во различни области меѓу двете држави.
Следната средба на работните групи ќе се одржи за една недела. Работните групи беа утврдени на 18 јануари при посетата на бугарската владина делегација предводена од Петков на Скопје.
Заедничката комисија за историски прашања ќе има нов режим на интензивна работа со договорени три официјални средби во следните четири месеци која ќе работи во конструктивен тон со цел достигнување реални резултати, најави Петков и додаде дека во бугарскиот тим од Историската комисија нема да има кадровски промени.
– Денеска кога секоја од групите ги презентираше резултатите кои треба да ги постигнат и задачите, кај историската комисија ние со Димитар забележавме друго ниво на ентузијазам за работа и определување нов режим за работа. Тоа што ќе имаме три официјални средби за следните четири месеци, плус многу интензивна работа меѓу тие средби, дава друг ритам на работата што треба да се заврши. Тоа што констатиравме денеска дека за да се заврши работата треба да зборуваат, да се гледаат, да имаат заеднички цели и да имаат конструктивна рамка. Професорите од двете страни кажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон. Ние нема да правиме кадровски промени, но тоа што ме израдува е дека Историската комисија е една од работните групи која ќе работи во конструктивен тон и достигнување на реални резултати – рече Петков одговарајќи на новинарско прашање по заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија, прашан за унапредување на дијалогот на Историската комисија и дали ќе има персонални промени во составот на бугарскиот дел од Комисијата.
На заедничката седница покрај министрите кои ги предводат четирите работни групи од страна на Бугарија и на Северна Македонија, присуствуваа и копретседавачите на македонскиот и на бугарскиот тим од Мешовитата мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров.
Во однос на мерливите критериуми за успешност на дијалогот не само за работните групи, туку и за политичките прашања, Ковачевски изјави дека критериум за успешност е доколку идната недела веќе имаме оператори од Софија да дојдат во Скопје или обратно каде што ќе разговараат за најекономски одржливата економска авиолинија, која би се воспоставила и би почнала со летови од 1 март.
– Критериум за успешност во инфраструктурата е доколку до 2023 година 13 километри од патот се направи до граничниот премин Клепало и тој се отвори, и тоа е критериум за успешност – изјави Ковачевски.
Во однос на политичките прашања, нагласи премиерот Ковачевски, успешен критериум е доколку успееме низ разговор на сите овие комисии, нормално низ еден политички дијалог на владите да постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со Европската Унија.
Во однос на тоа дали правата на Бугарите во Северна Македонија ќе се смета за критериум, Ковачевски истакна дека во различни држави има различни типови на устави, а во Уставот на Северна Македонија индивидуалните права се остваруваат колективно.
– Па така во нашиот Устав, освен македонскиот, впишани се и албанскиот и другите кои го сочинуваат, другите заедници и нормално и други граѓани на државата кои се самоопределуваат на друг начин, можат да побараат да бидат дел од Уставот – рече Ковачевски, кој нагласи дека тоа е процес, кој поминува низ фазите на уставните измени и во кој се вклучени повеќе институции.
– На патот на една држава кон Европската Унија се отвора Уставот, со цел да се направат и други адаптирања на Уставот и тогаш врз основа на тоа ќе бидат опфатени и тие прашања согласно барањата на граѓаните – нагласи Ковачевски.
Бугарскиот премиер, пак, одговарајќи на прашањето во врска со можноста кризата околу Украина да го успори овој процес на дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија, потенцира дека секој човек што се наоѓа во нивна позиција, преземајќи ја работата на премиер, знае дека секој ден ќе има некакви кризи за решавање.
– Ние сме тука бидејќи не се плашиме од кризи, бидејќи веруваме дека можеме да ги решиме. Но, во моментов има многу сериозни прашања и ковид-19, тензиите меѓу НАТО и Русија, високите цени на струјата и на гасот… Но, кога во таква тешка ситуација се гледа ден како денешниов, каде има реален напредок и веќе има работен процес со конструктивна насока, човек чувствува дека има зошто да стане наутро и да ја работи оваа работа – додаде Петков.