Лето во Грција – добредојде од вакцинирани хотелиери и дезинфицирани ресторани!

Агенциите од земјава кои организираат патувања во Грција велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, но проблем за оние кои не се вакцинирани е цената на тестот.

1,410

Грчките туристички капацитети ги почитуваат сите протоколи за безбеден престој на туристите кои важат во цела Европска Унија и се препорачани од СЗО. Сите туристички работници се вакцинирани, се почитуваат сите здравствени мерки што ги препорачува грчката влада, па затоа нема потреба од  загриженост што деновиве има зголем број новозаразени со ковид-19, велат туристичките работници во земјава. Тие додаваат дека бројката на новозаразени е од цела Грција, а процентот се движи до 3 отсто од тестираните. Дневно во Грција се тестираат и до 70.000 граѓани.

Грчките здравствени власти вчера објавија 1.886 нови случаи на коронавирус, што е значително зголемување од 1.007 новозаразени во претходните 24 часа. Тоа, пак, беше протолкувано дека Грција многу рано ги олабави мерките и предизвика загриженост кај оние кои сакаат да одмораат таму.






– Треба да се види во кои региони од Грција се регистрирани новозаразените, па да се процени дали има потреба од кревање паника во однос на безбедноста за патување во оваа земја. Грција меѓу првите ги вакцинира туристичките работници, персоналот на хотелите и угостителските објекти, како и туристичките водичи и со тоа даде до знаење дека ја претпочита безбедноста на гостите. Дополнително во хотелите се почитуваат сите мерки и протоколи донесени од СЗО и ЕУ поврзани со престојот на гости во хотелите и во рестораните, а дел од хотелите веќе ја имаат познатата австриска лиценца која гарантира безбеден престој – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

Тој додава дека и во екот на пандемијата лани во Грција престојувале странци и притоа немало посебни забелешки во однос на безбедноста на хотелските капацитети и рестораните од страна на туристите.

– Гаранција за безбедност на туристите е и тоа што процентот на вакцинирани во Грција е подобар и од некои европски земји кои веќе најавија целосно отворање за патувања – додава Нацевски.

Последните бројки, од понеделник, се дека најмалку една доза на вакцина примиле повеќе од 3.630.000 граѓани односно 34,5 отсто од населението, додека најмалку 2.040.000 граѓани или 19,44 отсто биле целосно вакцинирани. Податоците на Националната организација за јавно здравје покажуваат дека дневните смртни случаи се намалуваат, а во изминатите 24 часа тие се 27.

Туристи од земјава кои веќе биле во Грција велат дека е безбедно да се патува и да се летува бидејќи сите ги почитуваат строгите протоколи.

– Според протоколите на здравствените власти во Грција секој работодавец е должен два пати неделно да ги тестира вработените, во спротивно плаќа висока глоба. Во секое туристичко место има пунктови за брзи тестови за ковид-19. Овие пунктови најчесто ги посетуваат бугарските туристи, бидејќи на враќање во Бугарија им се бара негативен брз тест. На плажите не се носат маски, иако има зголемено растојание меѓу лежалките – вели турист.

Агенциите од земјава кои организираат патувања во Грција велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, но проблем за оние кои не се вакцинирани е цената на тестот.

– Најевтиниот тест е 1.300 денари по човек што за четиричлено семејство е добра сума. За подобрување на состојбата и во тој дел, како туристички агенции и здруженија веќе работиме на потпишување договори со одредени лаборатории за групно тестирање со одредени попусти – вели Нацевски.

Годишно од земјава во Грција се остваруваат околу милион посети. Во преткризната година 2019 година Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, што е за 20 проценти помала во споредба со туристите во 2018 кога имало 1.187 000. Очекувањата се дека годинава ќе се оствари барем половина од овие бројки, но сѐ зависи од ситуацијата со коронавирусот.

Експерти предвидуваат четврт бран на коронавирусот во Грција да има наесен, но дека тој ќе биде далеку поблаг од претходните бранови.

Георг Павлакис, истакнат научник кој работи во истражувачки ценат во САД, за грчките медиуми деновиве рече дека Грција може да се надева дека ќе го ублажи влијанието на четвртиот бран со забрзување на стапката на вакцинации и интензивирање на надзорот на ковид -19 во текот на летниот период со повеќе дијагностички тестови и подобро следење на контактите.

Во Грција моментално се прават и до 70.000 тестови дневно, а процентот на новозаразени 3 отсто.

Поврзани содржини