„ЛЕТАЛ“ СО РЕЧИСИ 100 КМ/Ч НАД ДОЗВОЛЕНОТО Уапсен возач со швајцарско „ауди“, следува кривична
Сообраќајна контрола кај Камењане го фати 58-годишен возач како управува со автомобил со речиси 100 километри над дозволената брзина, сега се соочува со кривична постапка.
58-годишен возач од струшкото село Горни Татеши бил уапсен откако со својот автомобил се движел речиси двојно повеќе од дозволената брзина на магистралниот пат Гостивар – Тетово.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчера во 08:45 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово вршеле редовна контрола кај клучката Камењане.
Во моментот на надзорот, патничкото возило марка „ауди“ со швајцарски национални ознаки се движело со 176 километри на час, на место каде што максимално дозволената брзина е 80 км/ч.
Возачот, идентификуван како М.Т. (58), веднаш бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок за „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.