ЛЕТААТ ИСКРИ ВО СДСМ Филипче контра Деспотовски, а „настрада“ и Костадинов
Другарите кои сакаш да ги водиш, не можеш да ги навредуваш и шиканираш. Бидејќи тие не се твоја сопственост. Тие се твоето богатство и сила!, му напиша Перо Костадинов на Јован Деспотовски на Фејсбук, коментирајќи ја изјавата на Деспотовски дека народот од Македонија не сака веќе да го гледа СДСМ поради старите кадри.
Ескалира раздорот во СДСМ со нови напади помеѓу кандидатите за претседателската позиција. Во изјава за ТВ24, Венко Филипче жестоко му одговори на Јован Деспотовски, истакнувајќи дека обидите да го дискредитираат преку скриени пораки само ја слабее партијата.
Филипче, поранешен министер за здравство и член на крилото кое го поддржува Зоран Заев, во своето интервју нагласи:
– Наместо да се фокусираме на внатрешната битка, треба да се обединиме и да работиме за доброто на партијата и граѓаните.
Оваа изјава на Филипче е одговор на нападот на Деспотовски со кој истакна дека старите луѓе треба да си заминат од партијата бидејќи народот од Струмица, Паланка и од цела Македонија не може да ги гледа.
Изјавата предизвика жестоки реакции, вклучувајќи го и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, кој во својот пост на социјалните медиуми го нападна Деспотовски, нагласувајќи дека ваквите потези претставуваат навреди и шиканирања.
„Другарите кои сакаш да ги водиш, не можеш да ги навредуваш и шиканираш. Бидејќи тие не се твоја сопственост. Тие се твоето богатство и сила!”, напиша Костадинов во својот пост, изразувајќи незадоволство поради изјавите на кандидатот за претседател на СДСМ.
Со последното анкетно истражување на ИПИС, кое покажува дека рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, е шест пати поголем од актуелниот претседател на СДСМ, партијата се соочува со предизвици пред историски лоши изборни резултати, кои можат да доведат до распад на најмалку три фракции.