Летаат чекани, играат тупаници, плачат измамени старици

5,214

ОСТАНАЛА БЕЗ ТАШНА – На 06.08.2020 околу 16.10 часот во СВР Скопје, С.С.(61) од Скопје пријавила дека околу 15.50 часот, во близина на маркет на ул.„Ѓорче Петров“ во Скопје, две непознати лица со употреба на физичка сила ѝ одзеле ташна со лични документи и пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

НАПАД СО ЧЕКАН – На 06.08.2020 околу 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред зграда на ул.„Босна и Херцеговина“, А.М.(57) од Скопје со употреба на чекан се обидел да го нападне  Д.Д.(52), но бил спречен во намерата, по што со тврд предмет го оштетил паркираното патничко возило „пежо“, сопственост на Д.Д. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.






ИСЧЕЗНАТИ МАЈКА И ДЕТЕ – На 06.08.2020 во 11.30 часот во СВР Куманово, С.Р.(49) од с.Лојане, Липково, пријавила дека нејзината снаа А.С.(21) од Р.Косово, со привремен престој во Куманово, се оддалечила од семејната куќа, заедно со нејзиното двегодишно дете. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

ДВЕ ШТИТЕНИЧКИ СЕ СТЕПАЛЕ – На 06.08.2020 во 15.00 часот во СВР Скопје, малолетничка од Скопје пријавила дека околу 13.30 часот во Мал групен дом за згрижување на деца на ул.„Блаже Биринчето“, по претходно недоразбирање, била физички нападната од М.С.(18) од Скопје, и двете штитенички на домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ПОЖАР ВО СКОПЈЕ, ИЗГОРЕНИ ВОЗИЛА – На 06.08.2020 во 00.40 часот во СВР Скопје, М.С.(25) од Скопје пријавила дека на ул.„Кленоец“ настанал пожар, при што било опожарено патничко возило „шкода фелиција“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Д.(68) од Скопје, а од пожарот биле зафатени и дел од фасада на зграда на ул.„Кленоец“, со прозорец и ролетна од стан, како и паркирано патничко возило „пасат“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Ј.(48) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од Противпожарната единица од Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ИЗЛАЖЕНА И ОГРАБЕНА – На 06.08.2020 во 15,30 часот во СВР Скопје, Ѓ.Б.(77) од Скопје пријавила дека во 09.00 часот телефонски ѝ се јавиле две непознати лица кои ја известиле дека нејзините ќерка и зет во нас.Аеродром со возило прегазиле дете, при што едното лице се понудило да помогне како сведок на настанот, за што ѝ биле побарани пари. По одредено време на улица во нас.Гоце Делчев во Скопје пристигнало патничко возило, со скопски регистарски ознаки, во кое имало две лица, по што Ѓ.Б. на едното му дала 52000 денари. Подоцна пријавителката исконтактирала со нејзиниот син, по што сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ПОВРЕДЕН РАБОТНИК – На 06.08.2020 во 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ бил донесен повреден Б.С.(57) од с.Стајковци, скопско, според чие кажување околу 08.30 часот, додека извршувал работни задачи во фирма на ул.„Перо Наков“, каде бил вработен, се лизнал и паднал. Од лекар му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, а за настанот е известен Трудов инспектор.

НЕСРЕЌА ВО ВЕЛЕШКО – На 06.08.2020 во 14.47 часот во СВР Велес било пријавено дека во с.Белештевица, велешко, на место викано „Лавчани“, при обид на С.Н. со трактор да извлече возило во кое се наоѓала екипа на ЕВН, која отстранувала претходно настанат дефект, од надојдена вода С.Н. и возилото на ЕВН биле однесени кон р.Вардар. При пребарување на околината од страна на полициски службеници од СВР Велес и локалното население, возилото било пронајдено, додека по С.Н. сѐ уште се трага и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

ДЕЦАТА СЕ СКАРАЛЕ, ВОЗРАСНИТЕ СЕ СТЕПАЛЕ – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.Џ.(53) од с.Џепчиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 23.05.2020, оштетениот Б.Ш.(44) од с.Џепчиште, тетовско,  отишол да поразговара со сопругата на пријавениот, поради претходно недоразбирање меѓу неа и неговата малолетна внука. По кусо време дошол Џ.Џ. и започнал вербална расправија со Б.Ш., а потоа и физички го нападнал, по што оштетениот паднал и се здобил со тешка телесна повреда.

СИ ГО УКРАЛ СОПСТВЕНОТО ВОЗИЛО – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Р.М.(40) од с.Црнилиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 19.07.2020 од полициски службеници од Полициското одделение Ропотово на пријавениот му било одземено патничко возило „там“, без регистарски ознаки и без никаква документација за неговото потекло и сопственост. На 20.07.2020 пријавениот отишол во Полициското одделение Ропотово за да ги земе клучевите оставени во одземеното возило, кои не биле наведени во потврдата за одземени предмети. Откако му било дозволено, пријавениот влегол во возилото, го стартувал со резервен клуч и со голема брзина почнал да се движи наназад, удирајќи еден полициски службеник и нанесувајќи му телесни повреди.

КАВАДАРЧАНЕЦ „ПАДНА“ ЗА ДРОГА – ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против А.М.(39) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 20.09.2019 од полициски службеници извршен бил претрес во домот на пријавениот, каде биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага, на која биле пронајдени траги од хероин.

(Дел од Билтенот на МВР од 07.08.2020 година)

Поврзани содржини