Лесно е да се вакцинираш во Бугарија, ама извади ПЦР тест да те видам!

Ова, според нас, претставува проблем затоа што за влез во Бугарија е потребен негативен ПЦР тест на англиски јазик и доколку се вади по регуларен пат, тешко дека лицето ќе дојде до резултатите за 24 часа и ќе стаса навреме на точно одредениот термин, ни посочија од Бугарската амбасада во Скопје.

3,036

Македонските државјани со бугарска лична карта или пасош може да се пријават за вакцинирање против ковид-19 во Бугарија, каде вакцината е бесплатна, се соочуваат со дополнителен трошок, кој може да биде изгор, а тоа е вадење негативен ПЦР тест за влез во соседната земја.

Како што ни посочија од бугарската Амбасада во Скопје, за влегувањето во Бугарија е потребен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа издаден од овластени здравствени установи во земјава.






– Оние кои имаат валидни документи може да се регистрираат за вакцинирање против ковид-19 во Бугарија, единствен проблем е влезот во земјата. Причина за тоа е што откако лицето ќе се пријави доброволно да биде вакцинирано против коронавирус, за добиениот термин ќе биде известен преку СМС или преку електронска пошта 24 часа пред примање на вакцината. Ова, според нас, претставува проблем затоа што за влез во Бугарија е потребен негативен ПЦР тест на англиски јазик и доколку се вади по регуларен пат, тешко дека лицето ќе дојде до резултатите за 24 часа и ќе стаса навреме на точно одредениот термин – ни посочија од Амбасадата.

Поради тоа сите оние кои ќе добијат термин за вакцинирање во Бугарија ќе треба да издвојат значителна сума пари за да може да пристигнат навреме. Доколку не успеат на дојдат на точно предвидениот термин  засега не е познато кога повторно ќе имаат можност да се пријават и кога ќе добијат термин следен пат.

Според информациите кои ги имаме за патување во странство, во Институтот за јавно здравје ваков тест преведен на англиски чини 2.500 денари, но резултатите се добиваат 24 часа од земањето на брисевите.

Затоа сите оние кои ќе добијат термин за вакцинирање поради трка со времето им преостанува негативниот ПЦР тест за патување во странство да го извадат во некоја од приватните лаборатории, каде цените се значително повисоки.

Во приватните лаборатории цените се движат од 2.500 до 4.000 денари, резултатите може да се добијат истиот ден, но во зависност од времето на земањето на брисот, тие може да бидат готови во текот на следниот ден. Одредени лаборатории нудат и ултра-брзи резултати за ПЦР тестови кои се готови за два до три часа од земањето на брисот, но оваа услуга чини и до 12.000 денари.

Како што пишуваше Плусинфо, веднаш кога беше пуштена Интернет страната за пријавување за вакцинација во Бугарија, регистрацијата се одвива во четири чекори. Во првиот заинтересираните лица треба да ги пополнат личните податоци, име, презиме, фамилијарно презиме, потоа следи тип на идентификација или ЕГН (единствен број на граѓанинот), датумот на раѓање, бројот на личната карта, датум на издавање и од која единица на МВР е издадена. Исто така треба да се избере и начинот како сакате да бидете известени, по е-пошта или преку СМС порака.

Потоа се преминува на вториот чекор, а тоа е избор на вакцина. Исто така, постои опција дека немате специфични преференци. Третиот чекор во регистрацијата е избор на центар за вакцинација, а четвртиот чекор е да се одреди посакуваното време за администрација на вакцината, со опциите поставени за десет минути.

Според информациите, 24 часа пред времето на вакцинација, ќе добиете потсетување на начинот на кој сте го одбрале местото и времето во кое мора да се појавите. Системот ќе работи една недела понапред. Сите луѓе кои ја примиле првата доза од која било од трите вакцини ќе бидат официјално регистрирани во системот.

По електронски пат поставивме прашање до Министерството за здравство на Бугарија, дали македонските државјани кои имаат бугарски документи може да се пријават во регистерот за вакцинација, оттаму ни го одговорија следното:

– Вакцинацијата против ковид-19 во Бугарија е опционална и бесплатна за сите бугарски граѓани. Се изведува во 384 точки за имунизација утврдени со наредба на министерот за здравство низ целата земја и од општите лекари – рекоа за Плусинфо од Министерството за здравство на Бугарија.

Поврзани содржини