„ЛЕОНИД НЕ Е ВО ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКА СИТУАЦИЈА“ Од Фондот велат дека добиле нецелосни податоци за неговото лекување
Леонид Индов не е во животозагрозувачка состојба, а доколку е, според правилникот за итни случаи, Фондот за здравство има рок од 24 часа да одлучи по барањето за негово лекување. Семејството на Леонид има право на жалба по одлуката на Првостепената комисија на Фондот во рок од 15 дена, беше кажано на денешниот брифинг со новинарите во Фондот за здравство.
Директорката на Фондот, Магдалена Филиповска Грашкоска, рече дека во врска со лекувањето на Индов морале да донесат одлука врз база на непотполни документи што ги добиле од Лекарската комисија која била задолжена за проценка на состојбата на Леонид. Таа вели дека во конзилијарното мислење не била наведена интервенција која го упатува детето во странство.
Објаснувајќи дека не е медицинско лице, Филиповска Грашкоска рече дека не знае дали во Македонија ги има сите услови за третирање на болеста на Леонид како во Австрија.
Претседателката на лекарската комисија која го водела случајот на Индов, д-р Сања Петрова не дојде на брифингот, иако била поканета.
Од центарот во Австрија каде што е примен Индов било наведено дека кај него се очекува да се прави рехабилитација која содржи стимулација на дијафрагма, електростимулација, говорни вежби, шема за дефекација, трансфер и инвалидска количка.
Актуелниот закон за здравствено осигурување не дозволува промена на правилниците, дури и ако управниот одбор ги изгласа промените и за тоа добие согласност и од Министерството за здравство, тоа нема да биде возможно бидејќи треба да се смени Законот за здравствено осигурување, рече Филиповска Грашковска, образложувајќи зошто Фондот го одби барањето да го покрие лекувањето во Австрија на 18-годишниот Леонид Индов.
Грашкоска објасни дека согласно актуелните правилници предвидени со Законот за здравствено осигурување, осигурениците се упатуваат на лекување во странство доколку во барањето за негов транспорт докторите навеле одредена конкретна интервенција која пациентот треба да ја добие, а таа не е достапна во земјава.
Од Фондот објаснуваат дека во конкретниот случај станувало збор за „медицинска рехабилитација“, па согласно тоа, тие немале друг избор освен да го одбијат барањето.
– Спорно е дали се работи за медицинска рехабилитација или за лекување затоа што конзилијарното мислење од ТОАРИЛУЦ, каде што Индов бил хоспитализиран еден месец, од септември до октомври 2023 година не содржи конкретна насока за вид на интервенција што е потребно да се изведе при лекувањето во странство, туку само општи процедури за рехабилитација и тоа што се очекува од нив – рече таа.
Директорката објасни дека ваков тип рехабилитации ниту во други случаи Фондот не ги покрива. Ниту во профактурата од Австрија не била наведена конкретна интервенција, туку станувало збор за медицинска рехабилитација, а согласно актуелниот закон овие пациенти не се упатуваат во странство.
– Зошто да не би имало интерес да го промениме законот? Но, за тоа да се случи мора да се има предвид дека Фондот ќе треба да добие многу повеќе пари, односно ќе треба да зборуваме за целосна промена на системот на финансирање во здравството. Ние веќе имавме состанок со СЗО, каде зборувавме дека се потребни промени за начинот на финансирање на здравствениот систем во државата и во наредниот период ќе доставуваме такви иницијативи – истакна Грашкоска.