Лекарска комора: д-р Нешковски пожртвувано лекуваше пациенти од ковид-19, некоректни се постовите за него
Лекарската комора реагира на пишувањата по социјалните мрежи за смртта на д-р Трајче Нешковски по собраќајката која се случила откако добил срцев удар додека возел на улица „Рузвелтова“, по што се судрил со автомобилот во дрво.
– Сметаме дека до добивање на извештаите од истрагата и обдукцијата на докторот е некоректно да се истапува со вакви постови за докторот кој во изминатите месеци пожртвувано работеше во ковид центрите низ Републиката. Да не заборавиме дека тој самопрегорно и пожртвувано се бореше за животите на нашите граѓани кои беа инфицирани од ковид-19 во текот на специјализацијата која ја извршуваше во ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија Скопје. Партиската определба е лична работа на секој поединец и сметаме дека вакви трагедии не треба да се злоупотребуваат во партиски цели – велат од Комората.
Од таму апелираат и до медиумите да се оградат, до добивање на официјалните информации од надлежните служби на МВР и Судска медицина и да се воздржат од понатамошни коментари за трагедијата во која загинал нивниот колега.