ЛЕКАРКА СВЕДОЧЕШЕ КОИ КОМБИНАЦИИ ЛЕКОВИ НЕ СМЕАТ ДА СЕ ДАВААТ Директорот на Онкологија одлучувал кој каква терапија ќе прима
Даниела Попоска, онколог и радиотерапевт, која работи во приватна клиника, а претходно со години работела на Клиниката за онкологија, на денешното рочиште за предметот „Онкологија“, одговараше на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска дали конкретни комбинации на лекови се препишуваат заедно.
Двајца лекари специјалисти, како сведоци на Обвинителството и застапници на оштетени пациенти сведочеа на денешното рочиште во Кривичниот суд за предметот „Онкологија“, во кој на ексдиректорот на Клиниката за онкологија Нино Васев и на онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски им се суди за несовесно лекување пациенти и за тешки дела против здравјето на луѓето.
Даниела Попоска, онколог и радиотерапевт, која работи во приватна клиника, а претходно со години работела на Клиниката за онкологија, одговараше на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска дали конкретни комбинации на лекови се препишуваат заедно.
– Лекот палбоциклит не се дава заедно со хемотерапија или бевацизумаб. Во клиничка пракса се комбинира со една хормонска терапија, како анастерзол или фулвестранд, но не и со мегаце – рече таа.
Според неа цетуксимаб не е во протоколите за третман на метастатски карцином на дојка.
Адвокатите на првообвинетиот Никола Васев приговараа дека лекарката не е вештак.
Според Поповска, по сите препораки евалуацијата, односно мерењето на одговорот од дадената терапија, се прави на 3 месеци, но терапијата може да се смени ако пациентот не ја поднесува или има несакани ефекти.
На прашање дали кај ковид позитивен пациент со лоша клиничка слика се дава имунотерапија, докторката рече дека во таква ситуација не се дава терпаија, вклучително и имунотерапија, зашто се чека да заврши акутната инфекција.
Таа сведочеше дека во периодот кога работела на клиниката, секој лекар давал предлог за терапија, конечната одлука ја носел директорот, а конзилиум за таргет терапија немало.
– Во периодот за кој што ме прашувате, секој лекар специјалист пишува предлог за терапија. вклучително биолошката и имуно терапијата, но потоа историите на пациентите одеа на одобрување и потпис кај директорот – рече таа
Зоран Атанасов, доктор со 35-годишно искуство, сведочеше дека одлуките за таргет терапија прво се носеле со параф на директорот, а потоа бил воведен стручен колегиум со раководители на оддели.
-Прво беше со параф на директорот, а потоа направивме конзилиум каде што се присутни сите раководители на оддели и каде се одлучува која и дали таа терапија ќе се прима – рече тој.
Според него, протоколите за дозирање на лековите се менуваат со напредокот на науката, а секоја терапија мора да биде поткрепена со медицински анализи.
Обвинетата Симонида Црвенковска поставуваше прашања до колегите за начинот на давање одредени терапии, додека обвинителството настојуваше да утврди дали постапките биле во согласност со протоколите.
Сведок, син на оштетен пациент, изјави дека татко му примал терапија и зрачења, но имал проблеми со закажување на пет-скен, кој наместо во јуни бил направен дури кон крајот на август.
– Во поглед на пет-скен требаше да се прави во јуни месец, за што ме информираа дека списоците ги прави д-р Нино Васев. Јас отидов кај Васев, му кажав зошто сум дојден, го запиша името и презимето на мојот татко и мои контакт информации и ме извести дека тоа е списокот за пет-скен, обично на две до три недели ги викаат пациентите за снимање. Чекавме и четири недели, не ни се јави никој, отидов повторно кај д-р Нино Васев и идентично повторно зема бел лист хартија и рече, еве, повторно го почнуваме новиот список и повторно го запиша. Од пет центарот вториот пат бев известен дека името на татко ми и на вториот список воопшто го нема – раскажа тој.
Наведе дека дијагнозата од Дубаи, неситно клеточен аденокарцином во четврти стадиум, била потврдена и со повторни испитувања во приватна лабораторија во Македонија. Тој потврди дека татко му примал крвна трансфузија и терапија против болка и најави дека се приклучува кон кривичниот прогон.