ЛЕКАР ОД ВАЛАНДОВО НА ПОМОШ НА УКРАИНСКИТЕ БЕГАЛЦИ Ќе помага на пунктот меѓу Бугарија и Романија
Националната асоцијација на доброволци собрала повеќе од 70 лекари, меѓу кои и валандовецот, д-р Кировски.
Докторот Даниел Кировски од Валандово замина на граничниот премин меѓу Бугарија и Романија за да им пружа медицинска помош на бегалците од војната во Украина, каде ситуацијата ескалира и принудува сѐ поголем број луѓе да ги напуштат своите домови.
Националната асоцијација на доброволци собрала повеќе од 70 лекари, меѓу кои и валандовецот, д-р Кировски, кои доброволно и бесплатно ги прегледуваат и им пружаат медицинска помош на бегалците од кризните региони во Украина кои пристигнуваат во прифатните центри на границата меѓу Бугарија и Романија.
– Од долгото и мачно патување бегалците најчесто имаат проблеми со алергии, респираторни болести и дијареа, но голем број од нив имаат и онколошки како и ревматични болести. Се надеваме дека оваа војна што побрзо ќе заврши, а со неа и бегалските маки – рече д-р Кировски.