ЛЕКАР ИЗБОДЕН ДО СМРТ, СИНОВИТЕ ГО НАШЛЕ ТЕЛОТО Детали од свирепото убиство во Железара

Засега се непознати причините за убиството, а убиецот е во бегство. Од МВР истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

1,702

67- годишен лекар од Скопје вчеравечер бил нападнат, избоден и усмртен во близина на поранешната фабрика Железара.

Од полицијата велат дека вчера во 23.09 часот добиле пријава дека во сопственото возило Киа со скопски регистарски ознаки, во парк во близина на поранешна фабрика Железара, со најмалку 9 убодни рани по телото бил пронајден А.Т. (67) од Скопје.






– Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција – велат од МВР за Плусинфо.

Засега се непознати причините за убиството, а убиецот е во бегство. Од МВР истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Дел од медиумите објавуваат дека нападот врз лекарот бил извршен пред приватната болница Ремедика.

– Имаше убиство пред „Ремедика“, за жал лицето кое беше нападнато починало на местото на нападот, прободено со нож. Од колегите дознав дека дека станува збор за наш колега доктор – изјави утрово за Телма д-р. Рихад Реџепи од итната медицинска помош.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Железара каде во текот на ноќта беше пронајдено безживотно тело на лекар со повеќе убодни рани. Телото на починатиот го пронашол неговиот син.

– Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот – велат од ОЈО.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова за Плусинфо вели дека целата медицинска фела е во шок од трагедијата. Како што ни објасни таа, лекарот вечерта посетил настан организиран од фармацевтска компанија за лек, а потоа не се вратил дома по што семејството и пријателите почнале да го бараат.

– Вчера е убиен доктор Ацо Трповски на брутален начин. До сега ниту еден министер не го донесе Законот за заштита на доктори и нивна заштита. Во знак на револт и во знак на почит на колегата Управниот одбор одлучи целото приватно здравство да не работи на 25.03 од 12 до 16 часот – порача Чолакова Дервишова.

Поврзани содржини